Македонија
Угриновски: Го доставивме законот за амнестија до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ – на потег е Мицкоски
Единствена Македонија до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за амнестија на граѓани учесници во настаните на 27 април 2017 во Собранието на Република Македонија по скратена постапка.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе изготват закон за амнестија за настаните од 27 април минатата година. Го потсетуваме Мицкоски дека нема потреба од такво нешто бидејќи веќе постои готов закон за амнестија изготвен од Единствена Македонија. Овој закон трипати го поднесуваме во Собранието, а Талат Џафери трипати ни го враќа поради лична суета и нервоза бидејќи има фуснота во која пишува дека Единствена Македонија не го признава Талат Џафери за претседател на Собранието сè до одлуката на Уставниот суд за неговиот нелегален избор“ изјави Драган Угриновски, член на Извршниот комитет на Единствена Македонија и претседател на МПЗ „Тврдокорни“.
Како што вели Угриновски, Талат Џафери ги кршел Уставот и Деловникот на Собранието бидејќи ја кочел нивната иницијатива за амнестија поради, како што рече, лична суета и нервоза. Според Угриновски, Џафри не го доставува предлог-законот до пратениците, иако во согласност со Деловникот е должен во рок од три дена да го достави до сите пратеници и за тоа да ги извести како подносители на законот со што започнува законодавната постапка.
„Затоа, денеска во Собранието го доставуваме предлог-законот за амнестија и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи пратениците во согласност со Уставот и Деловникот на Собранието се овластени предлагачи на закон. Очекуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја започнат законодавната постапка во Собранието бидејќи Деловникот тоа го дозволува на секој пратеник, се разбира, доколку Мицкоски е искрен кога вели дека се залага за амнестија на нашите браќа Македонци и сестри Македонки што гнијат во занданите на Шуто Оризари.
Очекуваме законот да биде изгласан од сите пратеници, очекуваме од пратениците и нивните лидери да покажат државнички капацитет и силно лидерство со кое ќе го израдуваат народот и ќе дојде до надминување на поделеноста меѓу граѓаните и партиите.
Дотолку повеќе што граѓаните на 27 април во Собранието влегоа со силна верба дека го бранат уставниот поредок, а не да нападнат конкретни лица и кој и да беше на местото на нападнатите, ќе се случеше истото бидејќи претходно се создаде атмосфера дека е загрозен уставниот поредок.
Ова добива на тежина ако се знае дека на своевиден начин е потврдено при давањето на мандатот на Заев, бидејќи претседателот Иванов бараше гаранции токму за она за што сега се водат постапки со што и претседателот ја потврди општествената опасност.
Со законот се бара целосно ослободување од кривичен погон и запирање на постапките поради несправедливоста и апсурдноста да се гонат уставобранителите што влегоа во Собранието на 27 април со силна верба во одбраната на уставниот поредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Муцунски со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова, денеска во Дубаи оствари средба со Македонци кои живеат и работат во Обединетите Арапски Емирати – успешни професионалци кои со своето знаење и искуство даваат значаен придонес за локалната економија.
По средбата, Муцунски истакна дека Македонците во дијаспората претставуваат важен мост меѓу матичната држава и земјите во кои живеат и работат, особено во економската и трговската сфера.
На средбата беше разговарано и за потенцијалот за продлабочување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати, со фокус на економијата и трговијата, како и за улогата и придонесот на дијаспората во овој процес.
Министерот ги запозна присутните и со активностите на Владата и Министерството поврзани со дијаспората, вклучително и со Стратегијата за унапредување на соработката со дијаспората, која е во завршна фаза, како и со можностите за нивно поактивно вклучување во развојните и економските иницијативи во државата.
Македонија
Сали-Суперти: во фокусот, напредокот на Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Директорката за Западен Балкан, Валентина Суперти.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на Агендата за реформи и Планот за раст, при што земјата покажува одржлив напредок во клучни области како владеење на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.
Исто така, беше оценет напредокот во подготовката на Роадмеповите за реформи и тековната координација со Европската комисија.
Сали ја истакна посветеноста на Владата за унапредување на реформите и за постојана поддршка од европските партнери, како и подготвеноста за справување со практичните предизвици, како што е имплементацијата на Системот Exit/Entry за транспортерите.
Во рамките на тесната соработка со Претседателството на Кипар и европските институции, беше повторено дека Северна Македонија се обврзува да продолжи со брзи и одржливи чекори кон интеграцијата во Европската унија, обезбедувајќи стабилност, просперитет и одржлив развој за граѓаните.
Македонија
„Скопје – Европска престолнина на културата 2028“: Град Скопје го објави првиот конкурс за културно-уметнички проекти
Градот Скопје го објави првиот јавен повик за финансирање на културно-уметнички проекти во рамки на програмата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Скопје 2028 не се гради само со визија, туку со работа, огромна посветеност и доверба, додаваат од таму.
Со отворањето на овој конкурс, Скопје, се истакнува во соопштението, влегува во нова фаза во која идеите треба да прераснат во реални, одржливи и европски релевантни културни проекти.
„Проекти кои нема да живеат само една година, туку ќе остават трајна вредност во градот, во заедниците и во целокупниот културен екосистем.
За таа цел, бараме проекти со:
– силен концепт и јасна европска димензија
– општествена и културна вредност
– професионална реализација
– подготвеност за работа во комплексен и динамичен процес“.
Првата фаза на селекција на аплицираните проекти ќе ја спроведе независното тело Скопје 2028, врз основа на формалните и квалитативните критериуми утврдени во јавниот повик.
Втората фаза на селекција ќе ја спроведе главното жири, составено од двајца домашни експерти, уметничкиот раководител, како и два меѓународни експерти од Европската Унија, согласно добиените стручни насоки, добиени по консултација со администрацијата во Брисел.
„Европска престолнина на културата не е сцена за импровизација.
Тоа е заедничка обврска кон Европа, дека знаеме да создаваме, да управуваме и да реализираме врвни културни програми.
Доколку сте културна институција, организација, уметник, креативен колектив или професионалец кој верува во силата на културата да ги менува градовите, ова е вашиот момент!
Проектите избрани преку овој меѓународен конкурс ќе станат дел од официјалната програма на „Скопје 2028“ и ќе се реализираат низ целиот град и во сите десет општини, како во институционалните простори, така и на јавни локации. Ова е еден од неколкуте повици кои ќе бидат објавени во иднина“, се додава во соопштението од Град Скопје.

