Македонија
УНИЦЕФ ја претстави алатката U-Report – нова платформа за млади што им овозможува да го споделат своето мислење за прашања што им се важни
На настан во Градски парк Скопје УНИЦЕФ заедно со млади, носители на одлуки, претставници од меѓународната заедница и експерти, ја претстави алатката U-Report – платформа за поддршка на младинско учество што им овозможува на младите да ги споделат своите мислења за прашања што им се важни и да креираат позитивни промени во своите заедници.
U-Report е активна во 85 земји ширум светот, со повеќе од 15.000.000 U-репортери кои преку алатката имаат можност да учествуваат во важни процеси на носење одлуки, креирање политики и стратегии кои ги засегаат младите и нивната иднина. Младите од нашата земја сега имаат можност да станат дел од глобалната заедница U-репортери со регистрирање на чатботот U-Report MK на Вибер.
За време на настанот министерката за образование и наука Мила Царовска, заменик-претставникот на УНИЦЕФ Артур Ајвазов, заменик-претставникот на Делегацијата на Европската Унија Џулијан Васало, претставници на меѓународната заедница и експерти им се придружија на младите во три дискусии на теми поврзани со образование, животна средина и ментално здравје. Младите имаа можност да дознаат повеќе за U-Report и како да се регистрираат, да го пополнат прашалникот на чатботот, но и да го споделат своето мислење на интерактивните инсталации поставени во секое тематско ќоше.
„Ги слушаме младите, затоа преку реформите ги поттикнуваме на критичко размислување и на јакнење на нивната гласност и самодоверба. Фокусирани сме на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите. Со ова од најрана возраст ќе учат да се борат за своите права и ставови, а со тоа заеднички ќе придонесеме за создавање и градење подобро општество за сите нас“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Темите за дискусиите беа избрани врз основа на мислењата што младите ги споделија како дел од иницијативата „Преосмисли ја иднината“ што ја спроведуваат УНИЦЕФ и Канцеларијата на претседателот Пендаровски. Преку онлајн прашалник и серија тематски работилници, младите ги идентификуваа образованието, животната средина и менталното здравје како теми кои им се најважни и за кои сакаат да видат промени во земјата. U-Report ќе служи како платформа да го претставува гласот на младите и да продолжи да ги вклучува во разговори на овие и други теми што влијаат на нивната иднина.
„Треба да ги обезбедиме вистинските платформи и механизми за да осигураме младинско учество на повисоко ниво што ќе им овозможи на младите активно да бидат вклучени во процесите на носење одлуки. Младите имаат глас, а платформи како U-Report служат да дадат фокус на нивните мислења и да им помогнат да продолжат да бидат гласни за прашања кои ги засегаат. Оваа алатка ќе има влијание само доколку младите се регистрирааат и ја користат за да ги искажат своите мислења, а носителите на одлуки слушаат“ – рече Артур Ајвазов, заменик-претставник на УНИЦЕФ.
Целта на U-Report е да овозможи размена на информации и собирање податоци во реално време. Податоците им помагаат на носителите на одлуки во процесите на креирање стратегии, политики и услуги базирани на реални потреби, како и следење на напредокот во остварување на стратешките развојни цели и остварувањето на детските права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меџити-Спиропали: во фокусот актуелните случувања
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити ја пречека Елиса Спиропали, министерка за Европа и надворешни работи на Република Албанија, која престојува во официјална посета во Скопје.
Средбата се одржа во пријателска и конструктивна атмосфера, при што беа разгледани актуелните регионални случувања, улогата на албанската дипломатија во зајакнувањето на сеалбанските врски, како и значењето на продлабочувањето на меѓуинституционалната соработка во функција на заедничките интереси на двете држави.
Спиропали и Меџити положија цвеќиња пред споменикот на националниот херој Ѓерѓ Кастриоти Скендербег, во знак на почит кон визијата на овој историски водач за европската ориентација на Албанците, соопштија од кабинетот на Меџити. По тој повод, беше повторно нагласено дека иднината на Албанците е во Европската Унија, како заедница на демократски вредности и успешен модел на институционална, културна и политичка интеграција на сите народи.
„Присуството во Чаир дополнително испрати јасна порака на политичка блискост, институционална поддршка и директно внимание на државата Албанија кон Албанците во Северна Македонија.
Оваа средба го потврди заедничкиот интерес за зајакнување на соработката и институционалната координација, со фокус на развојот, интеграцијата и зачувувањето на вредностите што нè поврзуваат како држави и како народ“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“
Вечерва, срцето на градот чукаше најсилно токму таму каде што се најчистите насмевки.
Со организација на кино-проекцијата на филмот „Биби и Боби“, им подаривме радост на 100 дечиња од згрижувачките семејства од Скопје и од организационите единици при ЈУ Детски дом „11 Октомври“, истакна скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, откако беше организирана посебна вечер наменета за децата од згрижувачките семејства и од ЈУ Детски дом „11 Октомври“.
„Сала исполнета со смеа, возбуда и детска искреност, моменти што нè потсетуваат колку малку е потребно за голема среќа, а колку многу значи вниманието.
По завршувањето на филмот, поделивме новогодишни пакетчиња за сите дечиња.
Како градоначалник, но пред сè како човек, останувам цврсто посветен на создавање можности, поддршка и сигурност за најмладите, особено за децата кои се дел од системот на социјална заштита.
Нивната радост е нашата најголема обврска.
Секое дете заслужува внимание, љубов и убави празнични денови“.
Македонија
Намалена видливост поради појава на магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Намалена видливост поради појава на магла од 50 – 70 метри има на патниот правец Дебар – Струга, од 100 – 150 метри на патниот правец Куманово – Крива Паланка и од 50 – 100 метри на патниот правец Велес – Катланово.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

