Македонија
Управител и фирма осомничени за злоупотреба на постапка за јавна набавка
Скопското Обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно физичко лице и фирма за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката на јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Осомничениот управител преку правното лице во 2018 година свесно ги повредил прописите за постапката за доделување договор за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија. Постои основано сомнение дека како дел од конзорциум, кој учествувал во постапката за јавната набавка, осомничените поднеле невистинита документација и оствариле имотна корист од поголеми размери за правното лице. Имено, со приложената невистинита документација осомничените биле избрани во постапката и со нив бил склучен договор за јавна набавка, со вкупна вредност од 209.999.304,00 денари, без ДДВ, за период од три години. Врз основа на овој договор обвинетиот и неговото правно лице биле исплатени износ од 60.691.261,00 денар, со ДДВ, односно 25 % од вкупниот износ исплатен кон конзорциумот“, информираа од Обвинителството.
Во 2021 година истото правно лице, повторно како дел од група фирми, се јавило во постапка за јавна набавка на средства за хигиена спроведена од Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија. Повторно врз основа на лажни документи бил склучен договор со осомниченото правно лице како носител на групната понуда и му биле исплатени 21.497.105,50 денари, со ДДВ, за извршување на обврските по јавната набавка, односно 40 % од вкупниот износ на договорот.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на Основниот кривичен суд Скопје за осомниченото физичко лице да определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, привремено одземање патна и друга исправа за преминување на државната граница, забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за располагање со парични средства од банкарските сметки на правното лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

