Македонија
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ ги усвои Предлог- програмата и план за работа и Предлог Извештајот за работата на Фондот во 2025 година
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на дваесет и деветтата седница разгледа и усвои повеќе документи од негова надлежност.
Најнапред директорот на Фонодт, Никола Мемов, го информира Одборот за активностите во претходниот период, при што нагласи дека е остварена средба со Мисијата на Светска банка во врска со СИАП проектот, при што е нагласено дека согласно договореното во Фондот е екипирано Одделението за долгорочно планирање. Мемов рече дека во наредниот период ќе бидат направени подлабоки анализи и предвидувања за финсниските потреби на Фондот.
Членовите на Управниот одбор ги усвоија Предлог – Програмата и Планот за работа на Одборот во 2026 година.
Станка Трајкова, член на Одборот предложи Планот да се дополни со изготвување на Информација за остварувањетео на правото на пензија по воведувањето на задолжителното капитално финансиско осигурување, што беше прифатено.
Исто така, беше усвоен и Предлог – Извештајот за работата на Фондот во 2025 година. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи нагласи дека во Извештајот се опфатени сите финансиски активности во изминатата година, со што може да се добие целосна слика за финансиското работење на Фондот.
Директорката на Секторот за остварување на правата, Билјана Стојанова ги презентираше активностите и деталите во доменот на остварувањето на правата, при што нагласи дека покрај редовните активности во изминатата година е озвоможена нова опција за следење на М1/М2 пријавите од АВРМ, а се одржани и повеќе обуки за нововработените лица.
Управниот одбор на Фондот ја усвои и Предлог – Одлуката за донесување на Годишниот план за јавни набавки на Фондот за 2026 година.
На седницата членовите на Управниот одбор беа информирани и за спроведените јавни набавки во минатата година, а беше донесена и Одлука за висината на благајничкиот максимум на Фондот за оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

