Македонија
Усвоена заедничка изјава за важноста на парламентарната соработка во регионот
На 16-тата Конференција на претседатели на парламенти на Јадранско-јонската иницијатива, која се одржа во Будва, Црна Гора, во изминатите два дена претседателите учесници на конференцијата усвоија заедничка изјава, а со чинот претседаваше претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ.
Во изјавата се истакнува важноста од продолжувањето на парламентарната соработка во регионот за реализација на проектите за поддршка на интеграцијата на земјите на Западен Балкан во ЕУ, се истакнува дека секторот туризам станува сè позначаен фактор на економскиот напредок на Јадранско-јонскиот Регион при што се охрабруваат земјите учеснички на иницијативата да ја подобрат регионалната димензија на соработката и размената на најдобрите пракси во оваа област, а се поддржува и политичката поддршка на активностите што се спроведуваат на државно, прекугранично и регионално ниво во оваа насока.
Во заедничката изјава се охрабрува промоцијата на заедничките туристички производи со цел позиционирање на Јадранско-јонскиот Регион како една од водечките туристички дестинации во Европа во прилог на што се истакнува и важноста на унапредувањето на инфраструктурата, која има суштинска улога во подобрувањето на пристапноста и поврзаноста на регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.
фото/Depositphotos
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.
Македонија
Утре ССМ ќе го блокира Собранието: Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 за работниците е срамно
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) денес испрати уште еден повик до работниците утре во 9 часот да излезат на протест за минимална плата 600 евра и 100 евра зголемување на сите останати, со блокада на Собранието. Работниците ќе ги блокираат булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев по кои пратениците можат со автомобил да дојдат до Собранието. Ќе бидат пропуштани само возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата). Пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати, а работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати. Најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците е срамно“, стои во денешниот повик од ССМ.
Синдикатот потсетува дека истите пратеници кои уживаат право на собраниско бифе по ниски цени и трошоци за патување до нивното работно место е нешто што им го скратиле на работниците и нешто што не им го утврдуваат како право на храна и превоз на работниците.
„Пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе ги оневозможиме тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците. Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, повикува ССМ.
Доколку и понатаму молчат, ССМ ќе премине на собирање 10.000 потписи за да ги намали платите на пратениците, а да ги зголеми работничките плати.
ССМ се извини на граѓаните кои ќе имаат потреба да се движат во периодот на блокадата по булеварот 11 Октомври и улицата Даме Груев и нагласи дека секој итен случај ќе биде пуштен да помине.

