Македонија
Усвоен нацрт-амандманот за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет
Со 64 гласа „за“, двајца „воздржани“ и 14 гласа „против“ пратениците го усвоија нацрт-амандманот за почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката определба на соседите.
И овој нацрт-амандман, исто како и претходните два, се донесе со просто мнозинство, при што беа потрени гласови на 61 пратеник.
Претходно, за време на викендот, Собранието ги усвои првите два нацрт-амандмана.
Со 67 гласа „за“, четири „воздржани“ и 23 „против“ во Собранието вчера прво беше утврден нацртот на амандманот 33 на Уставот на Република Македонија, со кој се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на „посебните социјални права на борците од антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија“.
Неколку часа подоцна со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 „воздржани“ Собранието го усвои и вториот нацрт-амандман на Уставот, со кој се предвидува зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со „прогласот од Првото заседание на АСНОМ“, а тука се додава и Охридскиот рамковен договор.
Пред пратениците во Собранието остана уште еден нацрт-амандман, кој се однесува на почитување на идентитетот и правото на иселениците надвор од државата и притоа да не се мешаат во суверените права на државата во која престојуваат.
По усвојувањето на уставните амандмани во Собранието, Владата ќе треба да организира јавна расправа од три дена, по која ќе треба да достави извештај до Собранието.
Финалното носење на амандманите ќе следува по владиниот извештај кога претседателот на Собранието, Талат Џафери, е должен во рок од 30 дена да закаже нова седница за која повторно ќе биде потребно двотретинското мнозинство.
Габриела Димковиќ-Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“
Секторот за внатрешни работи информира дека во моментов, повторно е воспоставен нормален сообраќај на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“.
Сообраќајот, сега е нормализиран и се одвива во двете насоки а беше затворен и во целосен прекин, од 30.12.2025 година, поради превртена цистерна на патот.
Од тогаш, сите надлежни служби излегоа на местото на настанот и активно отпочнаа со мерки за утврдување на причините за незгодата и дислокација на превртената цистерна од коловозот.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и студено, на планините снег
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во западните делови ќе има слаб локален дожд, а на планините снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -14 до -6, а максималната ќе биде од интервал од -4 до 6 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и студено со умерен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -11, а максималната ќе достигне до 3 степени.
Под влијание на циклонска активност од сабота ќе биде претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на планините и некои од повисоките населени места од снег. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова традиционално на првиот ден од Новата година во посета на припадниците на Армијата
Во духот на обновената традиција, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова првиот ден од Новата 2026 година го помина со припадниците на Армијата во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, придружувана од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Сашко Лафчиски.
Обраќајќи им се на новопримените професионални војници, таа истакна дека дисциплината, усогласеноста и начинот на спроведување на обуката јасно ја отсликуваат нивната посветеност и интерес за воената професија.
Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата, на Командата за обука и доктрини ѝ врачи едиција на книги од различни области, коишто ќе овозможат дополнителна едукација на војниците и старешините.
„Среќна сум што Новата година ја започнувам со вас! Ви посакувам добро здравје, посветеност и истрајност, зашто само со труд, надграден со љубов кон професијата, се создаваат перфектни војници“, порача претседателката.
Според неа, индивидуалната одговорност, професионалното ракување со опремата и јасната визија на македонската армија за мисијата се нераскинлив дел од воената служба.
Таа го поздрави постигнатото ниво на подготвеност коешто македонските војници, питомци и офицери ги прави компатибилни, препознатливи и рамноправни со своите колеги во сите сојузнички армии и меѓународни мисии.
Во текот на посетата, претседателката беше брифирана за мисијата и капацитетите на Командата за обука и доктрини. Таа присуствуваше на презентација во Центарот за симулации, каде што беше прикажана ефикасноста во изработката на правила, упатства и научени лекции, како и на презентација на Центарот за обука и дресура на службени кучиња.
Преку непосредниот увид во работата и активностите на терен, уште еднаш беа потврдени вредностите и способностите поради коишто оваа единица беше одликувана минатата година, високото ниво на кохезија, професионалност и целосна усогласеност со НАТО-стандардите.

