Македонија
Усвоен пакет социјални програми за нивно непречено остварување од 1. јануари

Владата на Република Македонија на својата редовна 113 седница што ја одржа вечерва, ја усвои Програмата за остварување на социјалната заштита за 2019, како и одредбата Програмата да отпочне да се применува од 1 јануари 2019 година.
„Владата ја донесе и Програмата за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за лица со тешка и најтешка телесна инвалидност, лица со умерена, тешка и длабока ментална попреченост за потполно слепи лица со придружник и за потполно глуви лица, за 2019 година“, информираат од владината прес-служба.
Од таму додаваат дека во пакетот социјални програми на Министерството за труд и социјална политика, Владата вечерва ги усвоила и Програмата за развој на дејноста за заштитата на децата за 2019 година, Програмата за субвенциoнирање на потрошувачката на енергија за 2019 година, како и Програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2019 година.
Владината служба појаснува дека овие програми се усвоени на оваа седница бидејќи на нив им претходело неопходното усвојување на Буџетот за 2019 година, за да можат да се реализираат веднаш со првиот ден од новата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Серија земјотреси почувствувани во Охрид

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава регистрираше серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од епицентралното подрачје Пештани – Охрид – Струга, 102 км југозападно од Скопје.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, од серијата на земјотреси, почувствуван е земјотресот во 4 часот и 34 минути во Охрид и блиската околина со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала, а во останатите југозападни делови од Републиката, земјотресот е почувствуван со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Освен вознемиреност кај граѓаните, материјални штети не се пријавени.
Македонија
1570 стипендии за учениците во дуалното образование, велат од Владата

„Со конкретни мерки и идеи вложуваме во подобрување на образовниот процес. За таа цел преку Министерството за образование и наука за следната учебна година 2025/2026 ќе се доделат најголем број на стипендии за дуалното образование досега, односно 1570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта“, велат од Владата.
„За тоа дека вложуваме во дуалното образование и ги стимулираме и компаниите за нивна поголема вклученост, покажува и тоа што над 550 компании оваа година директно ќе бидат вклучени во практична обука на учениците што ќе се запишат во дуалните паралелки.
Воедно, ова значи дека учениците со завршување на средно стручно училиште, ќе имаат поголема веројатност за брзо вработување, во најголем дел во компаниите каде посетувале пракса, или пак да продолжат со своето образование на некои од универзитетите во државата.
Наш приоритет е да ја зголемиме вработливоста на младите лица и да создадеме квалификуван кадри со вештини и компетенции што се потребни на компаниите, а со тоа ќе овозможиме младите својата иднина да ја градат во сопствената држава.
Вложувањето во образованието, значи вложување во иднината и перспективата за развој на Македонија.
Како Влада фокус се реформите во образованието за подобар и поквалитетен образовен процес“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Делови од Сарај, Карпош и Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.15 до 12.00 часот, корисниците од село Крушопек и Рекреативниот Центар Сарај. (општина Сарај)
· од 09.00 до 12.00 часот,корисниците во околината на ул. Женевска бр. 15. (општина Карпош)
· од 09.00 до 15.00 часот,корисниците во околината на Авто Сервис – Милошевски во с. Глуво. (општина Чучер Сандево)