Македонија
Уставниот суд да не потпаѓа под политички притисоци и да одлучува единствено во согласност со Уставот, бара СДСМ
„Уставниот суд како орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста, мора да донесува одлуки кои се правно и конституционално втемелени, транспарентни и во согласност со Уставот на Република Северна Македонија без притисоци и политички влијанија“, соопшти СДСМ.
„Остро ја осудуваме политизацијата и манипулациите со чувствителни прашања, кои имаат потенцијал да ја нарушат стабилноста на државата и да го предизвикуваат соживотот.
Оваа пракса на поттикнување тензии, како што видовме од некои политички актери, не придонесува за решавање на проблемите, туку напротив, ги продлабочува. Одговорноста за иднината на нашата држава е заедничка, и никој нема право да го злоупотребува Законот за употреба на јазиците за теснопартиски интереси.
Затоа сме со став, дека секоја измена во Законот за употреба на јазиците мора да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија. СДСМ, имено, стои на ставот дека сите законски решенија мора да бидат јасни, применливи и во согласност со европските стандарди, но и во духот на мултикултурата во Република Северна Македонија и Охридскиот Рамковен договор.
СДСМ ќе продолжи да се залага за мултикултурно, европско и демократско општество, во кое правата на сите граѓани ќе бидат максимално заштитени, а законите ќе се спроведуваат во согласност со највисоките правни и демократски стандарди.
Ги повикуваме сите политички партии да бидат конструктивни во овој процес, со цел да се одржи стабилноста и меѓуетничката доверба“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟤𝟥 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во периодот од 15.12. до 21.12.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 123 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, известува ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Општина Аеродром со нова алатка за директна оцена на нејзината работа од граѓаните
Општина Аеродром воведува нов, транспарентен и целосно анонимен начин преку кој граѓаните ќе можат да дадат оцена и мислење за квалитетот на работењето на Општината, како и за работата на секој вработен поединечно.
„Целта на оваа иницијатива е директно вклучување на граѓаните во процесот на унапредување на локалната самоуправа, преку идентификување на позитивните практики, како и на областите во кои постои простор за подобрување. На тој начин, Општина Аеродром се стреми кон поефикасно, поодговорно и поотворено институционално работење.
Анкетата е кратка, трае помалку од една минута, целосно е анонимна и при нејзиното пополнување не се прибираат лични податоци. Граѓаните можат да учествуваат со скенирање на QR-кодот поставен на официјалните информативни банери, по што се отвора кратка анкета што се пополнува со неколку клика“, велат од општина Аеродром.
„Секоја оцена, мислење и искуство од граѓаните ќе послужи како значајна основа за унапредување на услугите и за подобрување на вкупниот квалитет на работењето на општина Аеродром.
Општина Аеродром изразува благодарност до граѓаните за укажаната доверба и за активното учество во процесите што придонесуваат кон развој на поодговорна и сервисно ориентирана локална самоуправа“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
Македонија
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето
Прекинат прагот на алармирање, престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 22.12.2025, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица“, се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат.

