Македонија
Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите
Уставниот суд отвори постапка за член 2 од последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со кои се воведе линеарно зголемување на пензиите. Судот оценува дека одредбата може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, како и да создаде нееднаквост меѓу пензионерите со различни износи на пензии.
Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите пресметките направени врз основ на порастот на платите и трошоците за живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите прензионери подеднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес.
Судот го имаше предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
Уставниот суд во оваа фаза од постапката изрази сомнеж дека оспорениот член 2 се нарушени уставните принципи за социјална праведност, еднаквост на граѓаните, како и правната сигурност и легитимните очекувања како правни принципи. Имено, се постави прашањето дали оспорената одредба продуцира дискриминација по основ на износот на пензија и нееднаквост помеѓу примателите на пензии, односно оние пензионери што имале подолг работен стаж, повисоки уплати во пензискиот систем и повисока основица добиваат помало зголемување на пензиите наспроти пензионерите со пониските пензии.
Пензијата е стекнато имотно, индивидуално право и во согласност со член 30 од Уставот правото на сопственост е гарантирано и никому не може да му биде ограничено или одземено. Следствено на ова, пред Уставниот суд основано е поставено прашањето дали со оспорената одредба се ограничува правото на сопственост на пензионерите со повисоки пензии.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур во своите пресуди наведува дека за целите на членот 14 (забрана од дискриминација) од Европската конвенција за заштита на човековите права разликата во третманот е дискриминирачка доколку нема објективно и разумно оправдување, односно ако не ја остварува легитимната цел или ако не постои разумна врска на пропорционалноста помеѓу употребените средства и целта што треба да се реализира.
Со поведувањето постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера балансирано.
Постапувајќи по овој предмет, судот ја отфрли иницијативата поднесена од страна на Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска поради тоа што оспорените одредби (член 3 и член 18 од Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за пензиското и инвалидското осигурување објавен на 18 септември 2024 година) се од темпорален карактер и повеќе не се дел од правниот промет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ го чистат Скопје од снегот
ЈП „Комунална хигиена Скопје“ спроведува активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот, соопштија од претпријатието.
Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија.

Екипите на Претпријатието го расчистуваа реонот и околу Градската болница, Владата и Собранието на РМ. Спроведени се и активности за фрлање сол на пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и на сите пешачки мостови.
„ЈП ‘Комунална хигиена-Скопје’ ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот во текот на денов и претстојната ноќ, во согласност со состојбата на терен“, се наведува во соопштението.
Македонија
Изминатите два дена 1026 сообраќајни прекршоци, уапсени пет лица за безобѕирно управување на возило
Изминатите два дена како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1026 издадени платни налози, 150 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле пет лица, сите за возење под дејство на алкохол.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатите два дена евидентирани се 199 прекршоци за неправилно паркирање, 116 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 16 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле тројца возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 33 пешаци. Исто така санкционирани се 93 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 15 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а шест заради техничка неисправност. Санкционирани се и шест возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Укината забраната за камиони на патот Струга – ГП Ќафасан
Во 10:45 часот на патниот правец А2 Струга – ГП Ќафасан се прекинува забраната за движење на тешки товарни возила, информира АМСМ.
Забрани за тешки товарни возила утрово се воведени на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.

