Македонија
Утре делови од Кисела Вода без струја

Делови од Општината Кисела Вода утре, во времетраење од неколку часа ќе останат без електрична енергија.
ЕВН најави дека без струја ќе останат корисниците од улицата Милан Мијалковиќ во период од 9 до 14 часот.
Прекин на електричната енергија ќе има и на улицата Банско број 3, во период, од 9 до 12 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Училиштето „Св. Кирил и Методиј“ добива фотоволтаични панели, инвестираме во зелена енергија

Општина Центар и годинава вложува во модернизација на училишната инфраструктура, за децата новата учебна година да ја започнат во современи и безбедни услови. Градоначалникот Горан Герасимовски, го посети Општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“, каде што треба да започнат тековните подготовки за поставување на фотоволтаични панели. Со нивното инсталирање, училиштето ќе направи значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и придонес кон заштита на животната средина, известува Општината.
„Наш приоритет се учениците и наставниците, затоа инвестираме во нивниот секојдневен престој во училиште. Реконструкциите што ги правиме изминатиов период во центарските училишта се насочени кон создавање услови достојни за современо образование. Во моментов реконструираме три училишта паралелно и сите деца ќе ја започнат новата учебна година во модерни и функционални училишни објекти. Среќен сум што во наредниот период, ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе почне со поставување на фотоволтаични панели, со што ќе направиме значителен чекор кон користење на обновливи извори на енергија и заштита на животната средина“ истакна градоначалникот Герасимовски.
Со овие вложувања, Општината продолжува да ја унапредува образовната инфраструктура и да создава училишта кои обезбедуваат квалитетна, здрава и безбедна средина за воспитно-образовниот процес.
Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, а по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамките на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и со приватните здравствени установи со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот во рамките на своите овластувања ќе продолжи да работи на спречување евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите фактори во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување генерализации, што може да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.
Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.