Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради рекреативната трка „Прв до врв“

Министерството за внатрешни работи соопшти дека на утре, на 21.05.2023 година (недела), поради одржување на спортско рекреативната трка „Прв до врв“ ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим.
Велосипедската трка почнува во 09.45 часот, при што почетната точка е од пред Музеј на град Скопје – ул.„Св. Кирил и Методиј“, а продолжува со траса на движење по бул.„Св. Климент Охридски“, бул.„Мајка Тереза“, ул.„Тодор Александров“, локален пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски Крст“).
Планинарите стартуваат во 10.00 часот, а трасата на движење почнува пред Основно училиште „Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, ул.„Тодор Александров“ и ул.„Салвадор Аљенде“, ридско пешачките патеки кон Средно Водно, од Средно Водно кон врв на Водно („Милениумски Крст“).
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на горенаведените сообраќајници, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски: Посетата на ОАЕ носи конкретни бенефити за граѓаните

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, ја продолжува работната посета на Обединетите Арапски Емирати, како дел од владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Во текот на денешниот ден, беа остварени повеќе средби со претставници на стопанските комори, инвестициски фондови, како и со поединечни претставници на големи корпорации кои изразија интерес за потенцијални инвестиции во државата. Разговорите се фокусираа на можности за инвестиции во инфраструктурата, туризмот, како и во рамки на технолошко-индустриските развојни зони.
„Нашата цел е јасна – повеќе, но и подобро платени работни места во нашата држава. Во наредните денови ќе објавиме една исклучително позитивна вест, која ќе значи многу за секој наш граѓанин, за економијата, трговијата и туризмот“, изјави министерот Муцунски.
Тој додаде дека посетата носи конкретни и опипливи резултати и дека Владата продолжува со истата динамика и посветеност во следните денови од посетата.
Македонија
Николоски од Абу Даби: Ја разгледуваме потенцијалната соработка за инвестиции во Македонија

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ја предводи македонската делегација состaвена од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, Игор Јанушев, генерален секретар на Владата и Гоце Димовски, директор на Дирекцијата на ТИРЗ, која денеска во Абу Даби оствари средба со Валид Ал Мокараб Ал Мухари – заменик извршен директор на “Мубадала’ инвестициска компанија од Обединетите Арапски Емирати.
На средбата на која се разговараше за потенцијалната соработка, Николоски ги презентираше условите што ги нуди Македонија на странските инвеститори, како и потенцијалните можности за инвестиции во Македонија.
Николоски истакна дека оваа средба е добра можност за отворање на нови перспективи меѓу двете земји, потенцирајќи дека Македонија има одлична геоположба која на инвеститорите им нуди предност во регионот и директно поврзување со пазарите во Централна Европа.
На средбата, Николоски ги презентираше и инвестициските можности во делот на туризмот, инфраструктурата и земјоделието. Тој пред присутните го претстави планот за инфраструктурен развој на Република Македонија со посебен фокус на модернизација на транспортните коридори.
Исто така на средбата се разменија и идеи за поддршка на претприемаштвото и приватниот сектор во делот на технологијата, иновациите, обновливите извори на енергија и други сектори.
“Мубадала” е инвестициска компанија со портфолио од 302 милијарди долари која работи на шест континенти во различни сектори.
Денешната средба е во рамки на владината официјална посета на Обединететите Арапски Емирати.
Македонија
Кирков: Да им дадеме шанса на вработените во „Лајка“ за проблемот со бездомната популација на животни да биде решен

Денеска, на 62-та седница на Град Скопје, се обрати и советникот Стефан Кирков од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кој се осврна на проблемот во Скопје со бездомната популација на кучиња. Тој напомена дека го посетил ЈП Лајка и имал прилика да разговара со вработените кои иако работеле таму повеќе од три години, сепак немаат постојано вработување. Кирков додаде дека проблемот со бездомните кучиња ќе биде решен со нова програма, меѓутоа поднесе молба до сите советници во Град Скопје, да се изгласаат 6 вработувања, бидејќи ова се луѓе кои заслужуваат, затоа што не секој може да ја работи оваа работа, освен оние кои навистина ги сакаат животните.
Кирков посочи дека не може да остане имун кога во прашање се бездомните кучиња на територија на главниот град. Тој го нарече овој проблем рак-рана, проблем кој е децениски и додаде дека политиката не треба да биде дел кога станува збор за животните.
„Сакам да ги известам целата јавност и советниците дека пред неколку недели заедно со мојот колега од Советот, господинот Тони Бојковски, бевме во посета на ова јавно претпријатие. Разговараме и со директорката која можам да кажам дека не прими одлично, не запозна со целокупната работа на претпријатието, со сите проблеми со кои се соочува ова претпријатие“, изјави Кирков.
Кирков објасни дека разговарал и со вработените кои за жал, иако се вработени таму повеќе од 3 години, сепак немаат постојано вработување.
„Ова се истите тие вработени кои сега доаѓаат во оваа програма за вработување до крајот на годината. Се работи се одржувачи на претпријатието, за чувари, за ветеринарни техничари и слично. Сакам како човек кој е директно поврзан со животните и ја следи оваа проблематика да ве запознаам дека оваа работа е навистина комплексна. Не може секој да ја работи оваа работа и навистина треба да си ја сакате работата и да си ги сакате животните за да го работите ова“, додаде Кирков.
Кирков истакна дека смета дека овие вработени треба да добијат шанса за вработување и да бидат задржани во стационарот. Тој предложи до советниците од Град Скопје да се изгласаат 6 вработувања кои се бараат во моментов, и кажа дека ги уверува сите скопјани дека ова претпријатие во моментов ќе биде проширено, а и дека во многу краток период ќе биде решен проблемот со бездомните кучиња.
„Програмата со која работи ЈП Лајка е погрешна и треба да се дополни со тоа што се покажа во изминативе години дека не ги оправда очекувањата на скопјани или пак многу споро го решава проблемот со бездомните кучиња. Метрополата е преплавена има преку 10-тина илјади кучиња на територија на Град Скопје. Ајде да почнеме од некаде да го решаваме проблемот, многу набрзо од сега верувам дека ќе имаме нова програма, нов градоначалник ново раководство, но да дадеме шанса на овие вработени да си ги задржиме затоа што е реткост“, заклучи Кирков.