Македонија
Утре привремен сообраќаен режим на повеќе улици во Скопје
Град Скопје извести дека утре на повеќе локации ќе се извршува градежни зафати поради што сообраќајот ќе се одвива согласно променет привремен сообраќаен режим.
На булеварот „Борис Трајковски“, кај влезот на поранешната фабрика Стаклара, како и на регионалниот пат „Јадранска магистрала“, кај натпатникот кон Визбегово, екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ ќе поставуваат портални семафори за знаци со променлива содржина.
Градежните работи ќе се изведуваат во временски период од 7:30 до 12:30 часот, а сообраќајот ќе се одвива со кратки прекини.
Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да го почитуваат воведениот сообраќаен режим и поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европската интеграција останува стратешки приоритет, порача Сали на средбата со еврокомесарката Кос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска во Брисел оствари работна средба со европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Средбата беше фокусирана на текот на процесот на европска интеграција на земјата, реформските приоритети и актуелните предизвици во рамки на европската агенда.
Во текот на разговорите, заменик-претседателот Сали повторно потврди дека членството во Европската Унија останува стратешки приоритет на Владата, оценето како долгорочна инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Тој нагласи дека создадениот позитивен моментум треба да се искористи преку тесна и континуирана соработка со европските институции, со цел конкретно унапредување на интегративниот процес.
Во својство на министер за европски прашања, главен преговарач, национален координатор за Инструментот за реформи и раст (RGF), како и НИПАК, Сали ја истакна посветеноста за одржување на фокусот на државната администрација на реформите поврзани со ЕУ и за обезбедување континуитет на реформското темпо, во согласност со европските стандарди и најдобрите практики.
Во овој контекст, се разменија мислења за спроведувањето на Планот за раст и Реформската агенда, како и за други актуелни прашања од заеднички интерес, при што беше потенцирана важноста од континуирана координација и конструктивен дијалог со институциите на Европската Унија.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Секое дете мора да се чувствува безбедно во училиште
Денес во Општина Кисела Вода беше потпишан трипартитен меморандум за соработка меѓу Општина Кисела Вода, ООУ „Св. Климент Охридски“ од Драчево и Обединета Македонска Дијаспора – Подружница Македонија, со кој официјално се воспоставува рамка за унапредување на образованието преку иновативни, инклузивни и холистички програми.
Со оваа соработка започнува имплементацијата на проектот „STAR FOR LIFE“. Проектот предвидува обука на наставниците од четврто, петто и шесто одделение, како и директна работа со учениците преку стручни обучувачи, нивни претставници во Македонија, со фокус на една од најчувствителните теми во училиштата – булингот и врсничкото насилство, информираат од општината.
Градоначалничката заедно со директорот за Македонија и Европа од Обединета Македонска Дијаспора, Гордан Јорданов, заменик-директорката Маја Сталеска и директорката на училиштето, Елена Симоновска, дискутираа околу програмата, која има за цел да ги оспособи наставниците и учениците навремено да препознаваат ризични ситуации, да реагираат соодветно и да придонесат кон создавање побезбедна училишна средина.
-Со потпишувањето на овој меморандум воспоставуваме конкретна и значајна соработка која директно ќе им користи на нашите ученици и наставници. Преку проектот ‘STAR FOR LIFE’ обезбедуваме едукација, навремено препознавање и соодветно реагирање на булингот и врсничкото насилство. Наш приоритет е секое дете да учи и расте во безбедна средина, во која ќе се чувствува прифатено и поддржано. Општина Кисела Вода останува посветена на превентивни мерки и партнерства од ваков тип, затоа што веруваме дека само со заедничка работа можеме да спречиме несакани последици. Ова е инвестиција во иднината на нашите млади- изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Политички театар нарачан од СДСМ и Левица стои зад настапите на Трендафилов
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска изјави дека неодговорното однесување на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, излегло на виделина, обвинувајќи дека зад неговите настапи стои политичка позадина.
Манасиевски посочи дека Трендафилов вчера објавил фотографија на социјалните мрежи со порака дека чека претставник на Владата во просториите на ССМ за да се потпише зголемувањето на платите, иако, како што рече, во исто време веќе бил закажан состанок на Владата со гранковиот синдикат УПОЗ за истата намена.
Според Манасиевски, ваквите постапки, како што наведе, ги потврдуваат тезите дека барањата на Трендафилов имаат политичка заднина и дека зад неговото раководење со ССМ стојат СДСМ и Левица. Тој оцени дека станува збор за, како што рече, политички театар наменет за јавноста.
Манасиевски изјави дека, според неговите наводи, Трендафилов никогаш немал вистинска намера за зголемување на платите, туку за нанесување штета на актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој го постави и прашањето дали барањата на Трендафилов и ССМ ги пишуваат СДСМ и Левица.
Во обраќањето, Манасиевски наведе дека Трендафилов, според него, не зборувал за зголемувањето на платите и новите колективни договори во образованието, здравството, полицијата, одбраната, социјалната заштита и другите сектори, ниту реагирал за двоцифрената инфлација, ценовните шокови, зголемувањето на сметките за електрична енергија и доцнењето на платите во одредени институции за време на претходната власт.
Тој додаде дека во минатото биле потпишувани колективни договори во државни институции и сектори без одобрение од Министерството за финансии, што, како што рече, било спротивно на законските услови.
Манасиевски оцени дека ваквото однесување покажува соработка меѓу ССМ, СДСМ и Левица против Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека Владата, како што изјави, не бега од дијалог, туку инсистира тој да биде сериозен, суштински и насочен кон резултати.

