Македонија
Утре променливо облачно време со локален пороен дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно, од пладневните часови нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен дожд за кратко време, силни електрични празнења и услови за појава на град, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 21 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно, околу пладне и попладне ќе биде нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а ќе има и услови за поинтензивни процеси и појава на град.
Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 28 степени.
И во недела ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време, претпладне со почести сончеви периоди, околу пладне и попладне со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен дожд за кратко време, почести електрични празнења и појава на град.
Во понеделник ќе дува засилен северен ветер, а од вторник ќе има пораст на дневната температура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вчера санкционирани 120 возачи за брзо возење, 72 за возење без возачка дозвола

Вчера активности на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во поглед на засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа издадени 773 платни налози. Во рамки на веќе континураниот актуелен статистички тренд по однос на сторените прекршоци согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, и натаму најбројни се случаите на непрописно паркирање 225, потоа прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената 120, а вчера е забележан и прилично висок број на прекршоци по основ на недавање на првенство на минување 51.
Изречени се седум мерки за возење под дејство на алкохол, а прекршочни пријави заработиле 8 пешаци.
За неносење сигурносен појас изречени се 69 санкции, 42 мерки за користење мобилен телефон, а во 72 случаи откриени се возачи што управувале возила без возачки дозволи.
Согласно Законот за возила од сообраќај се исклучени од сообраќај 21 нерегистрирано возило како и седум технички неисправни возила.
Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените мерки и активности во поглед на сообраќајната безбедност, а континуирано се реализираат и превентивни активности низ сите сектори за внатрешни работи во насока на укажувања и апелирања до сите учесници во сообраќајот за целосно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Министерот Лимани се сретна со членови на делегација од Црна Гора – целта на посетата, размена на искуства за вклучувањето на Ромите во општеството

Министерот за социјална политика демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работен состанок со претставници на неколку министерства и граѓански организации од Црна Гора.
Делегацијата од Црна Гора со членови од министерствата за човекови и малцински права, за просторно планирање, урбанизам и државен имот, за внатрешни работи, за здравство, за социјална заштита, семејни прашања и демографија, Совет на Ромите, невладини организации и медиуми се во дводневна посета на земјава во организација на Совет на Европа.
Целта на посетата е размена на информации и искуства со ресорните министерства, институции и организации за добрите практики во Република Северна Македонија во делот со вклучувањето на Ромите, имплементација на Стратегијата за инклузија на Роми 2022-2030 и Националните Акциони Планови од приоритетните области.
На средбата министерот се осврна на политиките и проектите кои се реализираат во нашата држава, а се во насока на заштита и унапредување на правата на Ромите. Овие политики и проекти овозможуваат инклузија на децата Роми во предучилишното образование, поголема информираност на припадниците на ромската заедница преку Ромските Информативни Центри, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување на лични документи и привремено згрижување и социјална интеграција на бездомните лица сместени во прифатниот центар Визбегово.
Министерот Лимани изрази задоволство од денешната посета која овозможува подобрување на соработката помеѓу двете држави, а со цел унапредување на правата и можностите за нашите сограѓани Роми. Тој порача, дека Министерството останува отворено за сите прашања кои ќе имаат позитивно влијание за унапредување на состојбите во Црна Гора, како наша пријателска држава.
Македонија
(Видео) Пред Кривичен се бара правда за „Феликс“: Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство!

Пред Кривичниот суд во тек е протест на кој се бара правда за кучето Феликс, кое беше претепано со метална шипка, а умре по два месеца во агонија.
Протестот се случува денес, кога требаше да биде одржано првото рочиште, но на крајот беше одложено бидејќи еден од обвинетите и неговата одбрана го немаат примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за одлука за предложената мерка за обезбедување присуство.
Активистите пред судот најавија поднесување на Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.
„Феликс се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците“, порачаа активистите.
Се додава дека во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници; насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства.
„Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, покрај зголемување на казните, бараме: 1) воведување на засебно кривично дело: Борби со животни; 2) засебно кривично дело: Напуштање на животни; 3)воведување на засебна безбедносна мерка – Забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело“, појаснуваат активистите, додавајќи дека нивните барања се базираат на успешни европски примери во законодавството, меѓу кои Хрватска, Италија, Франција, Полска.
Протестот го иницираеше здружението „Анима мунди“, а е поддржан и од иницијативата „Зелен хуман град“.
Обвинетите Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски се товарат за убивање и мачење животни“, Член 233 став 1 од Кривичниот законик кој гласи „тој што ќе усмрти животно без оправдана причина или грубо го злоупотребува или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години”.