Македонија
(Видео) Утре СДСМ ќе организира собир на наставници и просветни работници пред МОН
Пред самиот почеток на учебната година, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој и подобрување на образованието, рече денеска на прес-конференција, Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„Целосно го погазија ветувањето за зголемување на платите на наставниците. Секојдневно слушаме некакви изговори, а вистината е дека власта на ДПМНЕ не сака да ги зголеми платите за 12% во овој септември. Со СДСМ наставниците секоја година, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата. Во септември 2022 и 2023 година, СДСМ ги покачи платите во образованието на два пати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Кумулативното, СДСМ ги зголеми платите во образованието за над 55 проценти. Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците“, изјави Николова.
Според неа, нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар.
„Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците. ДПМНЕ нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата, во процесите на донесување на реформи и образовни политики. Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес. СДСМ е на страната на наставниците и бара од Јаневска и Мицкоски веднаш да ги променат погрешните политики во образованието“, додава Николова.
Утре, недела, на 1 септември СДСМ, преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје со почеток во 11.30 часот.
Таа нагласи дека под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе побараат да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците.
„Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување. Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска. Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат. Заедно да го искажеме незадоволството и да го кренеме гласот, да извршиме притисок врз власта за да ги промени погрешните политики. Заедно, мора да ги вратиме достоинството и почитта кон наставниците“, заклучи Николова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

