Македонија
Утре сончево и топло време, попладне локален дожд

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Околу пладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен дожд и грмежи, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20, а максималната ќе достигне од 28 до 36 степени. Вредноста на УВ-индексот ќе биде 8.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне 33 степени.
Од вторник до петок следува период на стабилно и многу топло време.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Кочовска го покажа вистинското лице на ДПМНЕ – тие се арогантни, нетолерантни и агресивни

Во парламентот вчера јавноста можеше да го види вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва од Крива Паланка.
„Сега се гледа вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ. Оној испад којшто вчера го имаше министерката Кочовска во парламентот е само доказ дека тоа е нивното вистинско лице – арогантни, безобразни, нетолерантни и агресивни. Претставниците на власта трошат енергија за да го прикријат вистинското лице, но тоа излегува на виделина,“ изјави Филипче.
Тој нагласи дека министерката за финансии со своето однесување покажала отсуство на основна почит кон институцијата која ја претставува.
„Можете да замислите каква навреда, какви зборови користи на говорница министер којшто во дефиниција значи слуга. Треба да му служи на народот некој кој се однесува со таква агресивност. Тоа ни укажува дека воопшто немаат намера да му служат на народот, туку да се однесуваат така бахато исклучиво во интерес на нивните партиски и лични интереси,“ истакна лидерот на СДСМ.
Филипче е дециден дека ваквото однесување ќе продолжи да излегува на виделина и дека власта веќе не може да го сокрие своето вистинско лице.
„Се повеќе ќе излегува на виделина тоа. Од сите претставници на власта. Нема да може повеќе да го прикриваат поради тоа што работите не им одат добро,“ порача претседателот на СДСМ.
СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да ја разобличува ароганцијата и нетранспарентноста на оваа власт, која наместо да работи за народот, се води единствено од партиските интереси.
Македонија
ВЛЕН: Наместо прослава за децата, отворањето на градинката се претвори во партиски собир

„Наместо да биде свечен настан посветен на децата, инаугурацијата на новата градинка во Матејче-Липково беше искористена како платформа за политичка промоција од страна на ДУИ. Овој чин, кој требаше да означи чекор напред во грижата за најмалите, беше претворен во партиски настан, со што се прекршија принципите на неутралност и се занемари Конвенцијата за правата на детето“, посочија од партијата ВЛЕН.
„ДУИ, во недостаток на конкретни проекти, се обидува да присвои успеси кои се резултат на работата на владата ВЛЕН. Досега не понудија ниту една нова иницијатива, а сега настојуваат да си припишат инвестиции кои не се нивно дело.
Ако ДУИ навистина го смета овој проект за свое постигнување, зошто тогаш не ја поканија поранешната министерка од нивниот коалициски партнер? Ова јасно покажува дека нивните обиди да си припишат заслуги се неосновани и нелегитимни.
Граѓаните ја знаат вистината и се сведоци на позитивните промени што ги носи владата ВЛЕН. Остануваме посветени на подобрување на благосостојбата на децата и на сите граѓани, без политички злоупотреби и ниски манипулации, велат од ВЛЕН.
Македонија
Мир преку разговор во Украина, решение „две држави“ за Израел и Палестина – Мицкоски и Ердоган разговарале и за глобалните предизвици

За Северна Македонија и Турција клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави. Ова го истакна турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган за време на заедничката прес-конфренеција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Турција.
Ердоган потсети и дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Македонија, и ја потенцира важноста на турската заедница во нашата држава за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
„Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, истакна Ердоган.
Претседателот заклучи и дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој.
И Мицкоски ги потврди добрите односи меѓу двата народа, а за Ердоган рече дека во него гледа голем поддржувач и пријател.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.