Македонија
Утре сончево и топло време со температура до 23 степени
Утре, во утринските часови по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Претпладне ќе биде сончево и топло со слаб до умерен северен ветер, информира УХМР.
Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе почне да дува умерен, по должината на Повардарието засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 23 степени.
Во Скопје претпладне сончево со услови за слаба утринска магла, а попладне сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб, а попладне и во вечерните часови умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Следува сончево време со умерена облачност, ветеровито и посвежо. В недела и в понеделник ќе дува умерен, по должината на Повардарието засилен ветер од северен правец, кој ќе предизвика позначителен пад на температурите, така што дневните ќе опаднат за 7 до 10 степени во однос на утрешната, а утринските од почетокот на следната седмица на повеќе места ќе се спуштат под нулата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.
Македонија
Бесплатно патување за пензионерите, финансиска поддршка за првачиња и новороденчиња, најави кандидатката за градоначалничка на Неготино, Марија Нацева
Кандидатката за градоначалничка на општина Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Нацева, на денешниот настан во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори, изјави дека нејзината програма нуди конкретни проекти за подобра иднина и развој на општината.
Нацева нагласи дека акцентот е ставен на развојот на патната и комуналната инфраструктура, со најави за реконструкција на градскиот плоштад, изградба на концертна сала, како и кружни текови на влезот и излезот од градот.
„Во програмата што ја нуди ВМРО-ДПМНЕ има голем број капитални проекти – реконструкција на градски плоштад, изградба на концертна сала, кружни текови на влезот и излезот од Неготино, реконструкција на старата социјална зграда и спортскиот комплекс околу салата ‘Младост’“, изјави Нацева.
Таа додаде дека ќе се инвестира и во образованието, преку реконструкција на училишта, доделување стипендии, финансиска поддршка за првачињата и новороденчињата, како и воведување на бесплатно патување за пензионерите и промоција на локалниот туризам.
Нацева посочи дека дел од плановите опфаќаат и урбанизација и развој на нови зони за инвеститори, што ќе придонесе за нови вработувања и задржување на младите во градот. Таа најави и активности за зелена и енергетски ефикасна општина.
Нацева во Неготино ќе се соочи со Петар Мантев од СДСМ. Првиот круг заврши со 656 гласа во корист на Нацева. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември.

