Македонија
Учебната година завршува во вонредни услови

Учебната 2019/2020 година завршува во вонредни услови. Учениците од десетте општински основни училишта речиси цело второ полугодие спроведуваа настава по електронски пат како резултат на прекинот на воспитно-образовниот процес поради Ковид-19.
Градоначалникот Стефан Богоев преку видеопорака им го честита крајот на учебната година на сите ученици, наставници и родители. Иако денеска изостана другарувањето во училишните холови и дворови, 10 јуни за секое дете е еден од најсреќните денови во годината:
„Сакам да ви честитам на фактот што сте генерација која првпат реализира настава по електронски пат. Речиси цело второ полугодие учевте преку дигитални платформи и покажавте дека младите и во време на здравствена криза се носители на промените.Ученици и наставници, вие поставивте нов стандард во македонското образование! Ви благодарам за вложените труд и напор, а на полуматурантите им посакувам успешен упис во средно училиште“, рече Богоев.
Во текот на распустот Општина Карпош ќе спроведе и повеќе инфраструктурни активноси во училиштата со цел да ги подобри условите за учење и престој. Локалната самоуправа во следните денови ќе додели и награда за првенците на генерација од сите основни училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Уништени над 4 тони и 18 илјади стебла марихуана и повеќе од 21 килограми друга дрога, извести Тошковски

Денеска во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и раководството на МВР, Агенцијата за управување со одземен имот, Државната комисија за уништување на наркотични дроги и Националната комисија за мало и лесно оружје, во електропечката на Макстил – Скопје со палење беа уништени голема количина на дрога и оружје.
„Денеска уништуваме над четири тони марихуана. осумнаесет илјади стебла на марихуана, над 79 килограми цвет од марихуана и над 21 килограми други видови дрога како амфетамини, хероин, кокаин и други видови дрога. Исто така уништуваме над стотина парчиња оружје и над 1000 парчиња чаури и други компоненти од оружје. Сакаме да упатиме јасна порака до сите дека дрогата и нелегалното оружје немаат иднина во Македонија. Со секој еден уништен грам дрога или парче оружје, безбедноста на граѓаните се крева на повисоко ниво и во иднина очекуваме уништување на уште поголеми количини.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски пренесе порака до граѓаните кои во изминатиот период беа сведоци на делувањето на криминалните банди како во Скопје така и други региони можеа да се уверaт дека со нивното разбивање и заплената на големи количини оружје и дрога полицијата решително ја спречува нелегалната трговија, а запленетите количества ефикасно и безбедно ќе бидат уништувани.
Македонија
(Видео) Хибридниот напад од странски центри е смешно алиби за неспособност на Мицкоски, вели Филипче

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска силно ги нападна изјавите на премиерот Мицкоски дека државата била цел на хибриден напад организиран од странски центри на моќ. Тој предупреди дека ова е злоупотреба на безбедносната сфера во државата од страна на врвот на власта.
„Мислам дека ниту еден премиер до сега не се осмелил вака да ја потресе ситуацијата во однос на безбедносната сфера на земјата, ниту пак да ги злоупотребува безбедносните инструменти во земјата“, истакна претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека ако изјавите на Мицкоски за хибридни напади биле точни, институциите морале веднаш да реагираат.
„Ако беше така како што кажува премиерот, ако навистина сме под напад или закана на некои хибридни напади или некои странски центри на моќ, тогаш прво, требаше да заседава Советот за безбедност, требаше на терен да излезе Армијата, требаше на терен и во јавност да излезе Министерот за одбрана, требаше да се активираат сите безбедносни служби во државата, требаше да се извести НАТО како наш стратешки партнер. Ништо од тоа не се случува“, посочи тој.
Според него, власта на ВМРО-ДПМНЕ нема понудено ниту едно вистинско решение за ниту еден проблем.
„Од оваа влада не видовме ниту едно решење на ниту еден проблем, ниту едно предлог-решение на овие сериозни проблеми кои што се напластуваат изминатите година и пол, како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е на власт“, додаде тој.
Заклучи дека целата нарација на премиерот е „пиаровска драма“ со која се покрива неспособноста на власта да реагира во кризни ситуации.
„Сето ова, на што премиерот се вади, е практично само една пиаровска драма. Нема никаква акција да се решат проблемите и ова е навистина доказ за едно дилетантско водење на државата. Практично, овој тим нема капацитет државата да ја води како што треба“, изјави Венко Филипче.
Македонија
За да нема чадење од „Вардариште“, треба да се најде пристоен дом за над 200 луѓе што живеат среде депонијата, а некои од нив потпалуваат, вели Тошковски

Во решавање на проблемот со депонијата „Вардариште“ треба да се вклучат сите институции, да им се најде соодветен дом на луѓето што живеат среде ѓубрето и просторот да се исчисти. Вака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски смета дека треба да се разреши проблемот оти Министерството не може во овој момент строго да ги ограничи излезот и влезот на депонијата оти таа е живеалиште на над 200 луѓе.
„За ‘Вардариште’, за жал, во рамките на онаа дива депонија што ја имаме живеат некаде над 200 луѓе. Во депонијата, среде депонијата, живеат над 200 луѓе. Замислете. Ова е страшно. Страшно е од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата што ги имаме таму се сторени од некои од тие луѓе. Од малкутемина од оние што живеат таму. Ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиштето што го имаат. Ние не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и да излегуваат од оној периметар што го имаме“, рече министерот Тошковски.
И денес Тошковски потсети дека проблемот се таложел со години и нагласи дека не може да се реши преку ноќ, за една-две недели ниту, пак, за еден-дава месеца оти бара поширок институционален пристап.
„Таму треба системско решение. На тие луѓе треба да им се најде место за живеење, соодветно. Тие луѓе треба да бидат дислоцирани од таму, тој простор треба соодветно да се исчисти. Оној отпад што ќе се подигне од таму да се однесе на друга соодветна локација за таков тип на отпад. Потоа да се даде во надлежност на оние што треба, тоа не е надлежност на МВР. Овде треба еден поширок институционален пристап, темелен. За жал, тоа не можеме да го направиме за една-две недели, еден-два месеца за трајно да го решиме не само проблемот со ‘Вардариште’ туку со сите депонии. Но, пак ќе повторам, првично, таму живеат повеќе од 200 луѓе во рамките на оваа депонија. Додека не се реши што ќе правиме со тие луѓе, каде да се дислоцираат, како да им се помогне за пристоен дом, таму овој проблем што го имаме секогаш ќе се појавува“, вели министерот Тошковски.
Тој повика не само институциите туку и секој граѓанин да даде придонес за побезбедна Македонија и рече дека во решавање на проблемот со палењето на депониите се вклучени не само сите капацитети на МВР туку и капацитетите на Агенцијата за национална безбедност и максимално се интензивирани набљудувачките системи што ги имаат.