Македонија
Учениците во Македонија покажуваат слаби резултати и не се задоволни од животот во државата, УНИЦЕФ апелира образованието да стане натпартиски приоритет
На Меѓународниот ден на образованието, претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ди Џовани, истакнува дополнителни докази за потребата од натпартиски заложби за реформи на образованието во земјата.
Квалитетното образование, вели таа, е клучен двигател на економскиот раст и развој и го забрзува остварувањето на сите човекови права. Образованието овозможува стекнување на потребните вештини и знаења за да може, по завршувањето, учениците да се вклучат на пазарот на трудот и да придонесат кон подобар економски развој. Исто така, образованието помага да се намалат нееднаквостите и сиромаштијата преку подобрување на можностите за работа и зголемување на приходите.
Резултатите од последното тестирање во рамките на Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА 2022), кои укажуваат на проблеми во резултатите од учењето кај учениците, алармираат дека структурните реформи во образованието треба да станат национален натпартиски приоритет. Подетаљната анализа на резултатите посочува зошто е потребно целото општество да ги поддржи реформите во образованието, како и на високата цена што ќе ја платиме доколку ништо не се преземе.
„Севкупните постигнувања на учениците се многу ниски и се намалени меѓу 2018 и 2022 година. Само еден од тројца ученици на возраст од 15 години постигнал минимално ниво на знаење по математика (ниво 2 од 6), што значи дека двајца од тројца ученици не успеале да протолкуваат и препознаат, без директни инструкции, како едноставна ситуација може да се претстави математички. Резултатите по читање се уште позагрижувачки, при што само еден од четворица ученици постигнува минимално знаење“, рече Ди Џовани.
За да се зајакне економијата, потребна е квалификувана и компетентна работна сила. Меѓутоа, во нашата држава процентот на ученици што го постигнале највисокото ниво е значително понизок од просекот во ОЕЦД – само еден процент од учениците имаат највисоки достигнувања по математиката достигнувајќи ниво 5 или 6 (во споредба со просекот во ОЕЦД од 9 %), а речиси никој нема највисоки достигнувања по читање и наука (во споредба со просекот во ОЕЦД од 7 % во двете области). Доколку таквата состојба не се надмине, земјата и понатаму ќе заостанува во развојот на човечкиот капитал и конкурентноста.
„Образованието има потенцијал да ги извлече луѓето од сиромаштија, но резултатите од ПИСА посочуваат на нееднаквости во системот. Во Северна Македонија учениците што се во многу добра социо-економска состојба имаат далеку подобри постигања од учениците што се социо-економски најобесправени, и тоа за дури 76 поени по математика. Ако не се надминат овие нееднаквости, системот ќе ги продлабочи и со тоа ќе придонесе кон уште поголема сиромаштија и недостиг на можности“, вели Ди Џовани.
Понатаму, според анализата, Северна Македонија, како и другите земји од Западен Балкан, се соочува со емиграција на млади, образовани и квалификувани луѓе и резултатите покажуваат дека овој тренд, најверојатно, ќе продолжи бидејќи задоволството на учениците од животот е значително намалено. Помеѓу 2018 и 2022 година двојно е зголемена стапката на ученици што се изјасниле дека не се задоволни од својот живот, од 7 % во 2018 година на 14 % во 2022 година.
Сепак, оптимистички е тоа што Северна Македонија е над просекот на ОЕЦД за прашања поврзани со чувството на припадност на учениците во училиште. Во 2022 година 85 % од учениците во Северна Македонија се изјасниле дека лесно се спријателуваат на училиште, а 86 % имаат чувство на припадност во училиштето (во споредба со просекот во ОЕЦД од 76 и 75 %, соодветно). Таквото споделено чувство на припадност треба да се искористи и да им се обезбедат квалитетна настава на учениците и стимулирачка училишна средина за да може да ги развиваат своите интереси, да се стекнат со повеќе знаења и компетенции, а со тоа да си обезбедат подобар живот.
Училиштата исто така треба да им овозможат на учениците да стекнат широк спектар на дополнителни вештини, како што се справување со емоциите, преговарање, решавање проблеми, емпатија и комуникација. Овие вештини, вели Џовани, им помагаат на учениците подобро да учат, да бидат глобални граѓани, оспособени да се справат со личните, социјалните, академските и со економските предизвици, истовремено помагајќи им и на младите луѓе што се справуваат со тешкотии да се справат со предизвиците и да изградат отпорност.
За да се подобрат овие резултати и квалитетното инклузивно образование да стане реалност за сите деца, политичките лидери и носителите на одлуки треба да се согласат дека навистина е потребно да се зголемени јавното финансирање и инвестициите во образованието на сите нивоа, вклучително и во предучилишното образование, истовремено обезбедувајќи ефикасна и правична распределба на ресурсите за општините и училиштата. Образовниот систем треба да има доволно финансии за да им овозможи на училиштата да ги достигнат националните образовни стандарди и да ги олеснат пристапот и инклузијата на најранливите деца вклучувајќи ги и оние со попреченост, од етничките малцинства и од посиромашните домаќинства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Дислокација на цементарницата Усје преку јавно-приватно партнерство
Зелената партија ДОМ предлага воведување на моделот „Зелен урбан трансфер“ како стратешко решение за дислокација на цементарницата, без никакви трошоци за државниот буџет, се наведува во соопштението на партијата.
Според ДОМ, досегашните тврдења дека дислокацијата на цементарницата е „невозможна мисија“ се резултат на застарени економски пристапи. Партијата посочува дека во светот веќе со години се применуваат модели со кои тешките индустриски зони се трансформираат во нови, еколошки урбани четврти, без директно оптоварување на државните финансии.
Клучот на предложениот модел е принципот „вредност на земјиштето наместо државен буџет“. Наместо државата да ја финансира дислокацијата, се предлага пренамена на земјиштето на Усје од индустриска зона (Г) во станбено-деловна зона (А и Б). Со ваквата одлука, вредноста на парцелата значително се зголемува, а инвеститорот, односно сопственикот, добива можност да развие модерен „Smart City“ комплекс. Приходите од продажбата на недвижностите, според ДОМ, би се користеле за изградба на нова, целосно еколошка фабрика на соодветна, подалечна локација.
Бидејќи процесот на дислокација може да трае од пет до седум години, од ДОМ бараат Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање веднаш да воведат преоден режим во А-интегрираната дозвола, со најстроги еколошки стандарди. Меѓу барањата се итна инсталација на филтри од последна генерација за целосна елиминација на цврстите честички PM10 и PM2.5, како и системи за десулфуризација и денитрификација за намалување на емисиите на сулфур диоксид и азотни оксиди.
Партијата предлага и задолжително воведување на системи за вбризгување активен јаглен и вреќасти филтри, со цел целосна неутрализација на диоксините и фураните, нагласувајќи дека на тој начин ќе се спречи испуштање канцерогени материи во воздухот за време на транзицискиот период. Дополнително, ДОМ бара 24-часовен јавен дигитален мониторинг, при што податоците од оџаците би се емитувале во живо на веб-страницата на Министерството и на јавни екрани во општина Кисела Вода.
Во соопштението се осврнуваат и на решавањето на еколошкиот товар од ОХИС и Пеленица, при што се предлага чистењето на линданот да се финансира преку меѓународни развојни грантови и концесиски модели. Според ДОМ, приватен партнер би можел да добие право на стопанисување со исчистениот простор, во замена за целосна ремедијација на почвата.
Од партијата порачуваат дека Скопје заслужува чист воздух, а индустријата треба да се развива надвор од градското јадро. Со моделот „Зелен урбан трансфер“, како што наведуваат, сопственикот на „Усје“ добива нов капитал, а граѓаните – подобри услови за живот. Истовремено, преку новиот Генерален урбанистички план, градот би го насочил своето стратешко ширење кон нова, еколошки уредена четврт, додека би се намалил притисокот од прекумерна урбанизација и бетонизација во веќе преоптоварените централни и западни делови на Скопје.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.

