Македонија
Училиштата во Карпош подготвени за прием на ученици

Основните училишта во општина Карпош деновиве интензивно се подготвуваат за почеток на учебната година од 1 октомври.
Како што информираат од општината, поставени се насоки на движење, дезинфекциони бариери, креативни упатства, клупи на растојание, новоадаптирани училници.
За да се привлече вниманието на најмладите, на учениците од прво, второ и трето одделение сите упатства се со воочливи бои и симболи кои стимулираат интеракција и следење на протоколите.
Во училиштата овие денови се врши и обука на наставниот кадар за работа на националната онлајн платформа. Локалната самоуправа обезбедува и дополнителна ИТ-опрема (компјутери, слушалки и камери) за наставниците, со цел наставата да се одвива без пречки.
Секое од училиштата има и просторија за изолација, во случај ученикот да развие симптоми на коронавирусот.
Секое училиште има обезбедено и повеќе влезови, пристапи кон училниците.
„Ова е период кој бара одговорност од сите нас. Poради непредвидливоста на вирусот, никој не може да вети стопроцентна подготвеност, но Општина Карпош и управите на десетте основни училишта работат со сите капацитети за да се обезбеди безбеден прием на учениците до трето одделение и непречена настава по електронски пат“, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мисајловски во посета на Командата за операции на македонската Армија

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски денеска (9 април) заедно со началникот на Генералштабот, генерал- мајор Сашко Лафчиски во кумановската касарна „Боро Менков“ ја посетија Командата за операции на македонската Армија – команда во чиј состав функционираат сите видови на родови и служби во Армијата.
За време на посетата министерот беше брифиран за активностите на Командата, како и за следните планови за развој. Мисајловски рече дека е горд на припадниците кои се дел од Командата и единиците во нејзин состав, при што додаде дека тие се вистински приказ за професионализмот во Армијата и за посветеноста кон безбедноста и сигурноста на граѓаните.
„Министерството ќе продолжи посветено да работи во поддршка на развојот на Армијата, особено во процесот на модернизација и опремување“, рече министерот на заедничката средба.
Заедно со министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот, генералот Лафчиски, Командата за операции ја посетија и заменикот на началникот, генералот Азим Нуредин и директорот на Генералштабот генералот Орце Јордев кои беа пречекани од командантот на Командата, бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски.
Во структурата на Командата за операции функционираат Првата пешадиска бригада, Воздухопловниот ВИНГ, баталјонот на воената полиција, баталјонот за врски, извидувачко-разузнавачкиот баталјон, баталјонот за специјални сили и четата за атомска, биолошка и хемиска одбрана.
Македонија
Фетаи: Чекор поблиску до транспарентноста во управувањето со државниот имот

Владата на Република Северна Македонија вчера го одобри барањето на Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, за проширување на работната група која ќе го изработи Акцискиот план за имплементација на препораките од Завршниот извештај на Државниот завод за ревизија за управувањето со државниот имот.
„Ова е значаен чекор кон создавање ефикасен, праведен и одговорен систем за управување со јавниот имот, како и кон спречување на злоупотребите и недостигот на транспарентност што се случувале во минатото“, истакна Фетаи.
Работната група, предводена од Кабинетот на заменик-претседателот, ќе биде составена од претставници на клучните државни институции: Службата за општи и заеднички работи на Владата, Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АД – Скопје), Јавното претпријатие за стопанисување со деловен простор во државна сопственост (АД – Скопје), Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат на Владата и Комисијата за станбени прашања.
Првпат во историјата на државата, се подготвува и Национален регистар на државен имот – иницијатива предводена од Кабинетот на заменик-претседателот Фетаи, базирана на најдобрите европски практики, со цел елиминирање на ризикот од корупција и злоупотреби во овој историски чувствителен сектор, информираат од кабинетот на Фетаи.
„Ова е клучен момент за изградба на модерен систем за управување со државните ресурси, каде што транспарентноста и отчетноста се водечки принципи“, оценува Фетаи.
Македонија
Герасимовски: Целосно исчистена депонијата кај Буњаковец

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека целосно е исчистена дивата депонија зад катната гаража во Буњаковец, во близина на ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Отстранувањето започна минатиот месец како дел од акцијата за чистење „Центар не чека, Центар чисти“, при што беа подигнати големи количини отпад, се миеја улици и се подобруваше хигиената низ целата општина.
„Целосно ја исчистивме дивата депонија позади катната гаража во Буњаковец. На овој простор, кој долго време беше занемарен и невидлив за граѓаните, затекнавме опасен отпад – азбестни плочи и разни градежни и други материјали што претставуваа сериозен ризик по здравјето. Веднаш интервениравме со механизација, го отстранивме целиот отпад и извршивме дезинфекција на теренот. Сега овој простор е безбеден и уреден, а во наредниот период тука ќе се уреди нов паркинг и ќе се засади зеленило, со што оваа локација конечно ќе добие функционална и естетска вредност“, истакна Герасимовски.