Македонија
Фетаи го поздрави конституирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество
Вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, денеска учествуваше на првата седница на новиот состав на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Со ова формално заврши повеќегодишниот бојкот на Советот од страна на граѓанските организации почнат како реакција на непринципиелното распределување на јавните средства од страна на претходната влада.
Во своето обраќање пред членовите на Советот заменик-претседателот Фетаи го потенцира клучното место на граѓанскиот сектор како чувар на демократијата и како конструктивен партнер во креирањето подобри јавни политики.
„Граѓанското општество не е декор на демократијата, туку нејзин активен супервизор – гласот што предупредува кога се јавуваат појави, како што се корупцијата и неправдата“, истакна Фетаи.
Тој додаде дека Владата има обврска не само да слуша туку и да дејствува.
„Демократијата е континуиран процес на самокорекција. Вашата улога е суштинска во тој процес, а нашата должност е да го поддржиме тоа учество“, рече тој.
Осврнувајќи се на предизвиците со кои се соочува граѓанскиот сектор, Фетаи ги наведе ограничениот пристап до фондовите, отсуството на системска поддршка и недоволно функционалната правна рамка.
„Знам што значи да се бараат фондови, да се известува детаљно за проектите и да се комуницира со институции што често не нè разбираат“, рече Фетаи додавајќи дека добро организирано и поддржано граѓанско општество има моќ да придонесе за суштински општествени промени.
Во таа насока тој ја нагласи искрената намера на Владата да воспостави суштинска соработка со невладиниот сектор посочувајќи ја неодамнешната одлука за вклучување претставник од граѓанскиот сектор со право на глас во меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.

