Македонија
Филипче: Веднаш по преземањето на одговорноста, Вардариште ќе биде ставено под контрола
Скопјани повеќе немаат време за чекање и лажни ветувања од ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој денеска заедно со кандидатите за градоначалници на Аеродром и Гази Баба, Александар Трајановски и Влатко Митовски, изврши теренска посета на депонијата Вардариште.
„Четири години неспособната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ не успева да реши една дива депонија што шири зараза и смрт. Ова е врв на неработење, негрижа и криминална рамнодушност“, рече Филипче.
Филипче при теренската посета испорача сет конкретни решенија за кои рече дека ќе се спроведат веднаш по преземањето на одговорноста во локалната власт:
Воведување механизација за покривање на отпадот со земја и глина, компактирање и затворање на жариштата за елиминирање на кислород и влага, систем за извлекување и согорување на метанот и формирање стручен штаб со експерти за управување со отпад.
„Мора службите на Град Скопје веднаш да добијат задачи за надминување на проблемот со горење на отпадот. Не може Советот на Градот да биде на страна, а скопјани да се гушат“, порача Филипче.
Тој потсети дека токму советничката група на СДСМ побарала итно свикување на седница за Вардариште, но ВМРО-ДПМНЕ молчи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Eвроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за безбедноста на Европа, рече Давкова на средбата со претседателот на Естонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во рамки на учеството на Светскиот самит на Владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Република Естонија, Алар Карис, на којашто беа потврдени пријателските односи и естонската поддршка за македонските евроинтеграции.
Сиљановска-Давкова се заблагодари за активната улога на Естонија во групата „Пријатели на проширувањето“ и искажа интерес за јакнење на билатералната соработка со балтичката земја и склучување договори во областите од заемен интерес.
Претседателката нагласи дека остануваме целосно посветени на членството во ЕУ и стопроцентно усогласени со заедничката безбедносна и надворешна политика на Унијата. Таа го реафирмираше ставот дека евроинтеграцијата на Балканот e стратешка потреба за стабилноста и безбедноста на Европа.
На средбата, беше поздравена соработката во областа на дигитализацијата, реализирана во партнерство со Центарот за меѓународен развој на Естонија, соработката со Балтичкиот колеџ за одбрана во Тарту, како и со Центарот за сајбер одбрана на НАТО во Талин.
Укажувајќи дека постојат неискористени потенцијали во економијата, Сиљановска-Давкова изрази очекување за развој на нови заеднички проекти и поголемо присуство на естонските инвеститори во земјава.
Соговорниците разменија мислења за актуелните глобални предизвици.
Македонија
Седум странци фатени при обид за илегален излез кај Богородица
Утрово околу 2 часот, во близина на Граничниот премин Богородица, полициски службеници привеле седум странски државјани кои се обиделе нелегално да ја напуштат Македонија.
Според информациите од МВР, станува збор за пет државјани на Пакистан и двајца од Индија. При извршените проверки било утврдено дека сите седум лица претходно влегле легално во државата преку Меѓународниот аеродром Скопје.
Тие се приведени и задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава против нив.
Македонија
Филков:Дигитализацијата и човечките ресурси се клуч за ефикасно и независно судство
Зајакнувањето на ефикасноста и независноста на судството е еден од највисоките државни приоритети и предуслов за враќање на довербата на граѓаните во институциите, порача министерот за правда на конференцијата „Јакнење на ефикасноста и независноста на судството во Македонија.
„Ова е критичен и одлучувачки момент за правосудниот систем. Мораме јасно и објективно да ја согледаме состојбата, затоа што само преку прецизна процена можеме да дојдеме до одржливи решенија“, истакна министерот за правда Игор Филков во своето обраќање.
Тој нагласи дека состојбите во правосудството се темелно анализирани и документирани во релевантни домашни и меѓународни документи, меѓу кои Развојната секторска стратегија за правосудство 2024–2028, Реформската агенда 2024–2027, Националната стратегија за спречување на корупција и извештаите на Европската комисија.
Посебен акцент беше ставен на Патоказот за спроведување на стратегијата за човечки ресурси за судската мрежа.
„Ова не е само теоретски документ, туку практичен и применлив водич кој нуди јасен и остварлив пат за справување со најитните предизвици во судството“, нагласи министерот.
Министерството за правда, во рамки на своите законски надлежности, во текот на 2024 и 2025 година утврдило алармантни состојби во правосудството, кои директно кореспондираат со идентификуваните слабости во Патоказот.
„Предложените мерки мора сериозно да се разгледаат и да се имплементираат, доколку навистина сакаме резултати што ќе бидат мерливи, видливи и одржливи. Реформите мора да обезбедат пополнување на работните места, модернизација на инфраструктурата, зајакнување на институционалниот интегритет и зголемување на довербата на јавноста преку транспарентност и високи етички стандарди. “, порача министерот Филков.
Како еден од клучните столбови на реформите беше истакната дигитализацијата на правосудството.
„Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети и целосно дигитални судски досиеја не се иднина – тие се сегашност и реална потреба“, рече министерот, додавајќи дека дигиталните алатки ќе овозможат поефикасна распределба на ресурсите и подобар пристап до правдата.
Во делот на законодавните активности, министерот информираше дека во изминатиот период се подготвени околу триесет закони со кои се спроведуваат системски реформи во правосудството.
Законот за Судскиот совет веќе е донесен, а Законот за јавното обвинителство наскоро се очекува да влезе во собраниска процедура. Подготвени се и други закони како дел од целосното ресетирање на правосудниот систем.
,,Наша обврска како Министерство за правда е да создадеме јасни и применливи закони кои ќе бидат инструмент за правда и правичност. Реформите во судството и унапредувањето на законската рамка не се брзи процеси кои се случуваат за еден ден. Тие не се лесни, но се неопходни. Продолжуваме посветено и заедно да работиме на системски решенија”,потенцира Филков.

