Македонија
Филипче: Дали декларацијата во ЕП е доволна гаранција за Мицкоски и за откочување на евроинтегративниот процес?
На сопствена иницијатива претседателот на СДСМ Венко Филипче, разговарал со секретарот на ПЕС за Македонија да добие поддршка од ПЕС во Европскиот Парламент, објави денеска во изјава за медиуми, а во врска со повикот на премиерот Мицкоски за резолуцијата за македонскиот идентитет и јазик, за која следната недела ќе се расправа во Европскиот парламент.
„Јас веќе вчера зборував со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), во чије семејство ние припаѓаме – господинот Џакомо Филибек, во однос на координации. Денес ги продолжуваме разговорите, да видиме кои се тие конкретни чекори коишто треба да ги направиме, да разговараме со европратениците кои припаѓаат во нашето семејство на демократи и социјалисти“, рече Филипче.
При тоа, Филипче го отвори прашањето дали оваа декларација ќе биде доволна гаранција за владата за да го откочи евроинтеграцискиот процес.
„Што е целта на оваа декларација и дали конечно доколку биде е прифатена тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доволна форма на гаранција за да се започне процесот на уставните измени? Поради тоа што се има впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени линии, меѓутоа, ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одолженото дејство на уставните измени, понатаму беа пресудите во Стразбур, еве сега – декларација во Европскиот парламент. Значи, клучното прашање е што е тоа што е доволно?“, рече Филипче.
Во изјвата за медиуми, Филипче посочи дека во мандатот на владите на СДСМ се донесоа храбри и државнички одлуки со кои се заштити и јазикот и идентитетот на македонскиот народ.
„Ние, како влада, сосема доволно направивме за да се заштити и јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Доказ за тоа е што македонскиот јазик е официјално прифатен во Европската Унија, без никакви ѕвездички или фусноти. Веќе има потпишан прв официјален договор на чист македонски јазик – договорот за Фронтекс. Но, еве, ќе бидеме апсолутно конструктивни, затоа што сметам дека тоа е и добро и правилно, поради тоа што треба конечно да го откочиме овој блокиран процес“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

