Македонија
Филипче за резолуцијатa во ОН: Владата ја води надворешната политика без компас и стратегија
Конфузна, импровизирана и без компас е надворешната политика што Владата ја води по последните случувања во Обединетите нации поврзани со резолуциите за Украина, оцени претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На денешната прес-конференција, тој истакна дека Владата го напушта курсот на Европската Унија и нејзините земји членки и со нејзиното неконзистентно однесување во надворешната политика делува како залутан играч на меѓународната сцена.
„Додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Северна Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови“, смета Филипче.
Доказ за тоа, вели Филипче, е воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, со кое нашата земја се стави во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија, додека сите наши соседи гласаа „за“. Филипче упати и директно прашање до Владата: Што бара Северна Македонија во оваа група?
„Дали сме европска земја или сакаме да останеме во некоја геополитичка изолација? Со овие хаотични и неразбирливи одлуки, Северна Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика, каде секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана“, потенцира Филипче.
Дополнително, според претседателот на СДСМ, конфузна е одлуката на Владата да ја коспонзорира резолуцијата предложена од Соединетите Американски Држави, а потоа да гласа воздржано. Ваквите потези, донесени врз основа на лични проценки на премиерот Христијан Мицкоски, покажуваат дека земјава нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизации, потенцира Филипче.
„Европската и резолуцијата на САД не се косат една со друга, тие се надополнуваат. Франција, Германија, Италија и многу други европски земји гласаа „за“ американската резолуција. Ако веќе сме биле коспонзори, зошто не сме гласале за неа? Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Мицкоски, зошто гласавме спротивно од сите европски земји? Гласањето за двете резолуции ќе значеше јасен став дека поддржуваме постигнување на мир во Украина за што пократко време“, вели Филипче и додава дека наместо јасен став по овие прашања добивме одговор дека премиерот така одлучил.
Според Филипче, многу помудро ќе беше земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон Соединетите Американски Држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

