Македонија
Филипче: Куманово добива подобар ургентен центар за подобри услови за пациентите
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, ја посети Општата болница Куманово со цел да направи обиколка на комплетно новиот објект на Ургентниот центар во Куманово. Градежните зафати се завршени и набргу ќе биде пуштен во употреба.
Тој истакна дека оваа установа е исклучително позитивен пример на јавна здравствена установа која во соработка со Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во континуитет вложува во унапредување на квалитетот на јавното здравство, на што особено се гордееме.
„Градежните зафати се завршени и ќе бидат сместени итната хируршка амбуланта, ортопедската, анестезиолошката амбуланта, компјутерската томографија и ЕХО-дијагностиката“, истакна министерот Филипче и потсети дека овој објект е изграден од темел со поддршка од Министерството за здравство и Проектната единица за обнова и реконструкција и додаде дека од оваа инвестиција придобивка ќе имаат над 30.000 пациенти кои на годишно ниво гравитираат во Ургентниот центар, со посебен акцент на хирургија, урологија и ортопедија.

За компарација, како што истакна министерот, просториите наменети за оваа цел претходно биле сместени во подрумски простории, често поплавувани, без природно светло, а со новиот простор се добива повеќе од 90 отсто поголем простор со новиот ургентен центар.
„Со отворањето на новиот ургентен центар пациентите ќе добијат можност на едно место да добијат комплетен хируршки, ортопедски и анестезиолошки преглед, било да се работи за ургентна состојба или се упатени за преглед од матичен лекар. Во приемната амбуланта ќе се врши тријажа на итните случаи, а во дневната болница тие ќе бидат опсервирани под терапија и под контрола од хируршки тим“, изјави директорката на кумановската болница, д-р Снежана Захариева.
Таа појасни дека на овој начин ќе имаме и подобра екипираност на хируршките и подобра можност за консултација со колегите ортопеди, анестезиолози и специјалисти по радиодијагностика на едно место и дека во исто време вработените добиваат модерно опремен објект со одлични услови за работа и можност за професионално усовршување и меѓусебна соработка.
Исто така, посочи дека наредната година планирана е набавка на нова апаратура за ултразвучна дијагностика, со што ќе се олесни дијагностиката, особено кај ургентните хируршки пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
„Размената на искуства и позитивни практики со земјите од Европа и Светот ни е од голема важност во оваа насока, и затоа се радуваме што стануваме земја членка на Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование (EASNIE)“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на средбата со Жоао Коста, директор на EASNIE и Рута Сваринскаите, кои деновиве се во посета на нашата земја.

– Постојано работиме на подигнување на инклузивноста на образовниот систем, затоа што секое дете мора да има еднаков пристап до квалитетно образование и да добие шанса за достигнување на својот полн потенцијал, независно на комплексноста на посебните образовни потреби. Имаме што да споделиме, бидејќи особено во изминатите неколку години направени се крупни чекори напред во градењето на инклузивно општество, но како земја во развој ќе продолжиме и внимателно да ги следиме трендовите кои ги наметнуваат развиените земји, истакна Јаневска на средбата.

Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование е независна организација која дејствува како платформа за соработка меѓу земјите-членки, со цел обезбедување поинклузивни образовни системи. Агенцијата е единственото европско тело кое е финансирано од своите земји-членки со конкретна мисија да им помогне да го унапредат квалитетот и ефикасноста на инклузивното образование за сите ученици, односно EASNIE е кофинансирана од министерствата за образование во земјите-членки и од Европската комисија преку оперативен грант преку Еразмус+.
Македонија
(Видео) На подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек за да се избегне блокирање на патот, СВР Тетово со апел да се почитуваат сообраќајните правила
Секторот за внатрешни работи Тетово постапува согласно годишен план за постапување во зимски услови во зимските рекреативни центри Маврово и Попова Шапка, но и во целото подрачје што го покрива.
Како и минатата година, така и оваа година на подрачјата на Маврово и Попова Шапка се воведува кружен тек на движење на возилата за да се избегне секој вид на блокирање на патот. Но, поради одредени неодговорни возачи кои не го почитуваат тоа правило дооаѓа до целосно блокирање на сообраќајот. Исто така, проблем претставува и паркирањето на возила покрај патот со што се оневозможува на надлежните институции за целосно чистење на патот и на тој начин уште повеќе се отежнува движењето во сообраќајот, односно на некои делници од патот кон Маврово нема можност за двонасочен сообраќај, велат од СВР Тетово.
Пред почетокот на сезоната, Отсекот за превенција при СВР Тетово во неколку наврати одржа состаноци со менаџери и сопственици на хотели и угостителски објекти во овие два туристички локалитети, при што беше укажано да преземаат соодветни мерки во нивниот делокруг на работа за безбедноста на посетителите, а и во однос на обезбедување на доволен број паркинг места за нивните клиенти.
„За да не се повторат ситуации од претходните години во Маврово и Попова Шапка, кога СВР Тетово дополнително ангажираше полициски службеници од другите полициски одделенија за физичко регулирање со наизменично пуштање на возилата и расчистување на сообраќајот, СВР Тетово апелира до граѓаните, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не ги паркираат нивните возила на коловоз, да ги почитуваат наредбите од полициските службеници и да не тргнуваат кон овие локации без соодветна зимска опрема“, соопштуваат од СВР Тетово.
СВР Тетово ги известува граѓаните дека ќе бидат ангажирани и пајак службите на Тетово и Гостивар секогаш кога некое возило ќе го попречува сообраќајот, односно ќе биде подигнато и законски санкционирано.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на култната фонтана „Лотос“ во Градскиот парк
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, објави видео во кое вели дека култната фонтана „Лотос“ повторно го добива својот сјај.
„Започната е целосна реконструкција на фонтаната која се наоѓа на влезот од Градскиот парк – место што со децении претставува препознатлив белег и симбол на Скопје, но кое за жал со години беше запуштено.
Со проектот е предвидена целосна обнова на фонтаната, како и уредување на плоштадот околу неа. Се поставува нова урбана опрема и современо осветлување, со што просторот ќе добие нов, модерен и достоинствен изглед, соодветен на значењето што го има за градот и граѓаните.
Ова култно катче, еден од најпрепознатливите симболи на Скопје, повторно ќе стане место за средби, прошетки и споделени моменти. Простор каде што генерации скопјани ќе се собираат, ќе создаваат спомени и ќе уживаат во уреден и квалитетен јавен простор, онака како што Скопје заслужува.
Градот го обновуваме чекор по чекор, со јасна визија и конкретни дела. Скопје го правиме заедно. По скопски!“, изјави Ѓорѓиевски.

