Македонија
Филипче: Македонија од годинава целосно ги финансира програмите за ХИВ/СИДА, туберкулоза и маларија
Министерот за здравство, Венко Филипче, го отвори состанокот на министрите за здравство на Југоисточна Европа, што се одржува денеска во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Поздравни обраќања имаа и Питер Сендс, извршен директор, како и Аида Куртовиќ, претседателка на Одборот на Глобалниот фонд за борба против ХИВ, маларија и туберкулоза.
„Во новата нацрт-национална стратегија за ХИВ за периодот 2017-2021 и нацрт-националната стратегија за туберкулоза 2018-2022 година се опфатени главните предизвици од транзицијата и завршувањето на финансирањето од Глобалниот фонд и преземањето на оваа обврска од страна на Министерството за здравство“, посочи министерот за здравство, Венко Филипче, во своето поздравно обраќање, потенцирајќи дека Министерството за здравство обезбедува континуирана и долгорочна имплементација на програмите за ХИВ и туберкулоза во Република Македонија, со цел одржување на ниската стапката на двете епидемии.
Министерот за здравство информираше дека Владата на почетокот на септември 2017 година донесе одлука за преземање на финансирањето на превентивните програми, имплементирани од граѓанските организации по завршување на грантот од Глобален фонд.
„На предлог на Владата, Собранието усвои буџет од 95 милиони денари (1,5 милиони евра) за програмата за превенција, третман, грижа и поддршка за ХИВ и 30 милиони денари (половина милион евра) за програмата за контрола на туберкулозата во Македонија. Исто така, на почетокот на годинава е објавен втор оглас за граѓанските организации, а договорите беа потпишани во февруари, со вкупно 15 организации, кои ги имплементираат превентивните активности кај клучните популации за ХИВ“, ги истакна министерот Филипче искуствата на Македонија во оваа сфера, и додаде дека државата одвои и соодветен буџет за продолжување на набавката на антиретровирусна терапија, и за имплементација на новите политики за програмите за превенција.
„Во партнерство со граѓанскиот сектор и претставниците на заедниците во текот на оваа година работиме на изнаоѓање долготраен и одржлив механизам за финансирање на превентивните програми за ХИВ и туберкулоза. Со тоа ќе воспоставиме институционална рамка и ќе гарантираме финансиска одржливост во иднина, за да одговориме на предизвикот за одржување ниска стапка на ХИВ и на туберкулозата“, истакна во своето поздравно обраќање министерот Филипче, на денешниот министерски состанокот е во пресрет на 39. состанок на Бордот на Глобален фонд, што ќе се одржи на 9 и 10 мај во Скопје.
Претседавачот на одборот на Глобален фонд, Аида Куртовиќ, истакна дека „регионалната соработка е есенцијална за одржување ниска преваленца на ХИВ, туберкулоза и маларија“, додека, пак, извршниот директор на Глобалниот фонд, Питер Сандс, ја истакна потребата од соработка со граѓанските организации и цивилниот сектор во борбата против овие болести.
Глобалниот фонд и партнерите на оваа глобална иницијатива годишно инвестираат околу 4 милијарди американски долари.
Во Македонија Глобалниот фонд е присутен од 2004 година. Во изминатиот период од 13 години (од ноември 2004 до декември 2017 година) во Македонија има инвестирано 33 милиони долари преку програмите за ХИВ и за туберкулоза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Коалицијата Менуваме“ ќе предложи закон за онлајн регистар за деца и млади со попреченост
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека подготвила нацрт-закон за онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби кој го споделува во јавноста за консултации и сугестии, по што ќе го достави во Собранието, Владата и во неколку министерства.
„Коалиција Менуваме“ соопшти дека регистарот е дизајниран исклучиво за подобрување на институционалната координација, обезбедување континуитет на поддршката, намалување на административната дупликација и овозможување развој на информирани јавни политики преку агрегирани и анонимизирани податоци. Во сите фази од неговото воспоставување и употреба, како што наведува, регистарот целосно ќе ја почитува заштитата на личните податоци, приватноста, минимизирањето на податоците и ограничувањето на намената, во согласност со националното законодавство и меѓународните стандарди. Посочува и дека законот што го подготвиле не воведува нови механизми за категоризација или надзор ниту, пак, создава јавна база на податоци.
-Напротив, воспоставува строги контроли на пристап, јасно дефинирани институционални одговорности и робусни заштитни мерки за спречување на злоупотреба, неовластен пристап или откривање на чувствителни информации. Децата и лицата со попреченост и посебни потреби се меѓу најранливите членови на општеството и им е потребна навремена, координирана и континуирана поддршка од повеќе институции. Остварувањето на нивните законски загарантирани права често зависи од ефикасноста, точноста и интероперабилноста на административните, социјалните, образовните, здравствените и другите јавни институции. Во огласност со принципите на човеково достоинство, еднаквост, недискриминација и најдобриот интерес на детето и лицето, овој нацрт-закон воспоставува онлајн регистар за деца и лица со попреченост и посебни потреби како безбеден, централизиран и нејавен електронски систем, се наведува во соопштението.
Јавната кокуникација за одготвениот нацрт-закон, додава „Коалиција Менуваме“ ќе биде ограничена на општа, објаснувачка и образовна содржина, обезбедувајќи целосно заштита на достоинството, приватноста и правата на децата и лицата со попреченост и посебни потреби.
-Со донесувањето на овој закон, Република Северна Македонија ја потврдува својата посветеност на инклузивно управување, дигитална одговорност и создавање систем кој одговара на реалните потреби на децата и лицата со попреченост и посебни потреби, ставајќи ги нивните права, достоинство и благосостојба во центарот на јавното дејствување, стои во известувањето.
Македонија
Петте тони марихуана откриени кај Крушевац биле набавени во Македонија
Вишиот суд во Белград синоќа им одреди притвор на тројца уапсени по заплената на пет тони марихуана во селото Коњух кај Крушевац. Притворот им е одреден на Н.С., Р.С. и И.Д. односно поради опасност од бегство, за да не се влијае врз сведоците, за да не се повтори кривичното дело и поради можно нарушување на јавниот ред и мир, соопштија од тој суд.
Јавното обвинителство за организиран криминал претходно вечерва објави дека е донесена наредба за спроведување истрага против Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски.
Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка е поднесен предлог за издавање потерница против него, вклучително и меѓународна.
Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, со тоа што во текот на јануари набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Македонија.
Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ја транспортирал дрогат преку границата до магацинот на семејството на осомничените Спасојевиќ, од каде што осомничениот Урош Младеновски ја земал за понатамошна продажба.
Оваа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција – претходната најголема заплена беше 1.960 килограми.
Македонија
Забрана за сообраќај поради снег на камиони од утрово на патот Маврово – Дебар
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Како што информираат АМСМ и ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег со променлив интензитет утрово има во Крушево, на Попова Шапка, во Маврово и на планинските превои Стража, Ѓавато и Пресека. На планинскиот превој Буково врнежите се од дожд и снег.
Забрана за сообраќај на тешки товарни возила поради врнежи од снег од 5.45 часот е воведена на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
На возачите им се препорачува да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да возат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони.

