Македонија
Филипче: На концертот на Петар Грашо во Хераклеа беа прекршени протоколите

Министерот за здравство Венко Филипче посочи на еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа и ги повика надлежните да реагираат и соодветно да ги санкционираат сите оние кои ги прекршуваат утврдените протоколи во борбата против коронавирусот.
„Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола. Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител. Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува“, напиша Филипче на фејсбук.
„Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот. Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извештајот, по сомневањата за непотребни операции на срце, ќе биде јавно достапен, но откога и нашите и странските експерти ќе го завршат

Странските експерти сѐ уште не се вклучени во анализата дали во 13 пријавени случаи имало непотребно направени операции на срце по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Домашниот експертски тим веќе завршил со разгледување на првите осум случаи што стигнаа во Министерството за здравство, но министерот Азир Алиу вели дека сѐ додека не заврши целиот процес, нема да објавува детали.
„Завршени се осум предмети, кои беа првично архивирани кај нас како Министерство за здравство. Имаме уште пет нови случаи, кои се работат. Нема да известиме ништо сѐ додека извештајот не е конечен, сѐ додека не завршат сите случаи. Кога ќе завршат сите анализи, и административни и клинички, тогаш тој конечен извештај ќе биде јавно достапен на веб-страницата на Министерството. Странските експерти во оваа фаза сѐ уште не се вклучени. Нема да се вклучат сѐ додека домашните експерти не завршат со сите случаи. Во оваа фаза само комунициравме, тие не се активни. Чекаме да се заврши со наодите, тоа се сензитивни процеси, и потоа ќе имаме заеднички состанок, локален експертски тим со меѓународниот експертски тим, и се надевам дека тогаш ќе имаме чист случај како понатаму, кои политики треба да ги имплементираме и дали можеби да се размислува за менување на некои од законите со цел да имаме појасно дефинирани протоколи за ваков вид услуги“, вели министерот Алиу.
За петте нови случаи, министерот Алиу извести минатата недела. Тимот странски експерти од Словенија, Австрија и од Италија ќе го дадат конечното мислење за сите пристигнати случаи, но тие ќе почнат со работа по локалните избори.
Македонија
Мемов: Со кој морал и со кое право Герасимовски се фали со успешни проекти, наивноста и скромноста се само маска

Четири години општина Центар беше заложник на неспособноста, дволичноста и хипокризијата на Горан Герасимовски, кои се главни карактеристики на СДСМ во практикување на власта.
Наместо ред – безредие. Наместо законитост – дивоградби. Наместо грижа за граѓаните, грижа за лични и партиски интереси. Дури и училиштата на нашите деца ги претвори во жртви на неговата
неспособност“, истакна на прес-конференција портпаролот на Движењето ЗНАМ Никола Мемов.
Во изминатите четири години, градоначалникот на СДСМ Горан Герасимовски, додава Мемов, ја претвори Општина Центар во полигон за дивоградби – дури и во училиштата.
„Наместо да обезбеди здрави и сигурни услови за нашите најмлади, дозволи импровизации и незаконски градби што го загрозуваат нивното секојдневие.
Го прашуваме градоначалникот на СДСМ, Герасимовски: Зошто децата во основното училиште „Коле Неделковски“ од 1 септември годинава учат во дограден и надграден објект, за кој не е извршен технички прием и за кој нема правосилно решение за измени во тек на градба? Дали децата во ОУ „Коле Неделковски“ учат во дива доградбa? Дали катноста на училиштето не одговара на урбанистичкиот план во тој дел од Центар? Дали со цел да се заобиколи законот, извршена е промена на намената на простории од училници во т.н. „технички простории“? Дали во тие „технички простории“ денес се изведува настава за нашите деца? Дали договорите за градба склучени меѓу Општина Центар и изведувачот „Вардарградба ДОО Скопје“ во 2023 и 2024 година, во вредност од над 45 милиони денари или 735.000 евра, а според засегнатите и над 850.000 евра, содржат повреди на тендерската постапка?“
Како што оценува, додека секој граѓанин мора строго да ги почитува процедурите за градба, изгледа, вели тој, дека за Општина Центар тоа не важи, дури и кога станува збор за објекти во кои учат нашите деца.
„Ова е врв на безобразие и лицемерие, наместо да обезбеди безбедни услови за учениците, Герасимовски дозволил доградби и надградби без технички прием и без правосилни решенија.
Со кој морал Герасимовски и со кое право се фали со „успешни проекти“, кога во реалноста ги става децата во ризик и ја гази законитоста?!
Ова ли е визијата за Центар, импровизирани училници, дивоградба и злоупотребени пари на граѓаните?!“
Според него, наивноста и скромноста што сака да ја демонстрира Герасимовски се само маска. Зад таа маска, вели, се крие човек кој во 4 години мандат дозволи дивоградби, незаконитости, нетранспарентни тендери и непочитување на елементарни процедури.
Македонија
Поефикасна, попродуктивна и поуслужна администрација за граѓаните: Минчев на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, присуствуваше на свеченото отворање на Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025, кој оваа година се одржува во Скопје во Музејот на современа уметност во организација на Министерството за дигитална трансформација.
Министерството за јавна администрација активно придонесува во процесот на дигитална трансформација на јавниот сектор, преку воведување и унапредување на системски решенија кои имаат за цел да ја направат администрацијата поефикасна, попродуктивна и поуслужна кон граѓаните и бизнисите.
Еден од клучните проекти на Министерството е модернизација на Информациониот систем за управување со човечки ресурси (ИСУЧР), кој овозможува централизирано и транспарентно управување со кадарот во јавниот сектор.
Покрај тоа, во тек е и надградбата на ЛМС платформата за е-учење, со што се создаваат услови за систематски и континуиран професионален развој на административните службеници.
Во фокусот на Министерството е и интероперабилноста, односно автоматизирана и безбедна размена на податоци меѓу институциите, која е истакната во двете платформи и претставува основа за модерна, дигитализирана и координирана јавна администрација. Ова значително ќе го подобри квалитетот на јавните услуги и ќе го олесни пристапот на граѓаните до тие услуги, без непотребни административни процедури.
Министерството за јавна администрација останува посветено на процесот на дигитална трансформација, со цел создавање на транспарентен, ефикасен и граѓански ориентиран јавен сектор.