Македонија
Филипче: Обезбедивме квалитетна инсулинска терапија
На 14 ноември Светскиот ден на дијабетесот годинава се обележуваат – 100 години од откривањето на инсулинот. „Пристап до современа дијабетска заштита“ е мотот на овој јубилеј, а ова само ја нагласува важноста за грижа на секој здравствен систем кон лицата со дијабет, односно пристап до модерна иновативна терапија, како би им се овозможил нормален живот на овие луѓе.
Министерот за здравство, Венко Филипче, на Форумот организиран во чест на Светскиот ден за борба со дијабет, посочи за заложбите изминативе 4 години, кои се направени за унапредување на здравјето на лицата со дијабет и обезбедувањето современ пристап на лекување.
„Го укинавме паралелниот увоз на инсулин и терапија за дијабетис. Паралелниот увоз не гарантираше квалитет на инсулинот, ниту пак имавме контрола дали терапијата која им е потребна на пациентите во земјава влегува исправна, дали е запазен неопходниот ладен синџир кога се транспортираат овие лекови. Со измените на законот за паралелен увоз воведовме сертификат за квалитет, како и систем за следење, и сега знаеме која доза лек каде завршила. Веќе не станува збор само за тоа како се третира дијабетот, туку секогаш мора да имаме предвид дека станува збор за начин на живот.Што значи дека не е само инсулинот како инсулин, како препарат, туку како целокупната филозофија и целокупниот пристап кон овие пациенти со цел тие да имаа што понормален живот, посебно децата, за да имаат нормален раст и развој. Имаме интензивна комуникација со претставниците на здруженијата за дијабет. Најпрво успеавме да слушнеме кои се вистинските проблеми, врз основа на проблемите со кои тие се соочуваат ги димензионираме нашите политики. Решенијата треба да им служат на тие на кои што се наменети“, посочи министерот Филипче.
Министерот рече дека сега се обезбедени пет нови препарати коишто овозможуваат уште подобра контрола на гликемијата, инсулини кои се кардиопротективни, го штитат срцето и крвните садови и со многу помала количина се контролира инсулинот до 20%.
„Она што во овој момент го правиме е постапката за првпат во нашата земја се набават сензори за мерење гликемија, а тоа значи дека наместо вообичаените боцкања за земање крв и мерење на шеќерот, сега се ставаат специјални сензори на надлактицата и тоа се мери со електронски девајс или со мобилен телефон – врз oснова на најнова технологија. Со ова уште повеќе го зголемуваме квалитетот на живот за овие пациенти, посебно за децата со што значително ќе се намали траумата која ја доживуваат од секојдневните боцкања со игли“, рече Филипче.
Од вчера на ЈЗУ УК за Ендокринологија отворен е нов Ендокринолошки дијагностички центар, кој овозможува интегрирана, сеопфатна дијагностика на пациентите со ендокринолошки заболувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.
Македонија
„Парите за боледувања доцнат – дали Клековски манипулира дека се редовни или фондот е празен“, прашува Левица
„Изминатиот период сѐ повеќе граѓани нѐ информираат дека одреден период Фондот за здравствено осигурување не врши навремена исплата на средства кои им следуваат по основ на привремена спреченост за работа поради болест, а кои средства за многумина претставуваат единствен извор на приход во периодот додека се на боледување и им се нужно неопходни“, велат од партијата Левица.
„Пред само два месеци, од страна на Фондот информираа дека исплати од нивна страна се вршат редовно, а денес се поставува прашањето дали директорот Сашо Клековски ја манипулира јавноста за постигнатото на сметка на граѓаните кои се наоѓаат во незавидна позиција, или пак касата на Фондот не располага со доволно средства за навремено сервисирање на обврските?
Правото на надоместок за спреченост од работа поради болест е законско право и не е привилегија, туку основна социјална и работничка гаранција која треба да обезбеди сигурност на работникот во период кога е здравствено ранлив и привремено неспособен за работа, а во време кога инфлацијата расте, а Владата ги занемарува барањата за зголемување на платите, ваквото доцнење претставува дополнителен удар врз работниците и зголемен ризик по нивното здравје.
Затоа, бараме одговори од Фондот, кога ќе ги исплати работниците кои се на боледување, и дали поради неодговорно работење немаат доволно средства за редовно сервисирање на обврските кон граѓаните“, прашуваат од партијата Левица.

