Македонија
Филипче од Корчула: Новата десничарска Влада крои политики со кои ќе ги деградира правата на работниците
„Врвен приоритет во мојата програма како претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е да ги реафирмирам вистинските социјалдемократски вредности и да ги приспособам на потребите на денешниот социо-економски контекст, не само во Северна Македонија, туку и низ Европа и пошироко“, рече Филипче.
Филипче, во своето обраќање истакна дека и покрај тешките домашни, но и гео-политички околности, Владата предводена од СДСМ останала на реформскиот пат воден од социјалдемократските принципи и ги подобри јавните услуги, програмите за социјална помош и работничките права.
„СДСМ во наредниот период неуморно ќе се бори за решавање на проблемите на граѓаните и силно ќе се спротистави на обидите да се омаловажат работниците и нивниот труд. Новата десничарска Влада има политики со кои планира да ги деградира правата на работниците на сметка на крупниот капитал и да ја врати државата назад кон еден модел на див капитализам. Во тој модел силно ќе страда стандардот на граѓаните и ќе придонесе кон забрзан раст на социјалните разлики. СДСМ во својата нова програма ќе понуди ефикасен модел за економски раст каде правата на работниците и животниот стандард ќе растат истовремено поддржувајќи го растот на компаниите и економијата. Имаме јасна стратегија како може да постигнеме подобри резултати за сите граѓани“, рече Филипче.
Тој понатаму истакна дека Европа се соочува со налет на националистички и авторитарни режими коишто претставуваат закана за мирот и стабилноста. Токму затоа, социјалдемократските партии мора да се обединат и да најдат заеднички начин за излез од оваа заканувачка ситуација.
„Во време на силен налет на радикални партии, одбраната на демократските вредности и вистина не била никогаш поважна. Социјалдемократските партии се клучни во одбрана на демократските вредности, одржување на стабилноста и заштита на граѓаните во услови кога имаме подигнати тензии. Северна Македонија не е исклучок од трендовите во Европа. И ние се соочуваме со истите предизвици како и многу други земји: фрагментација на левичарските партии и пораст на екстремни идеологии кои, иронично, повеќе се приклонуваат кон десницата“ – истакна Филипче.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање на тринаесеттата тинк-тенк школа Корчула. Филипче зборуваше во рамки на дискусијата насловена „Социјалдемократија 3.0 – помеѓу песимизмот и оптимизмот“.
Дискусијата „Социјалдемократија 3.0 – помеѓу песимизмот и оптимизмот“ во рамки на тинк-тенк школата Корчула претставува платформа за дијалог меѓу водечките политичари социјалдемократи од регионот и од ЕУ, граѓанските организации и експертите за изнаоѓање на соодветен одговор за политичката ситуација и насоката во која треба да се движи прогресивната социјалдемократска мисла.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

