Македонија
Филипче: Повеќе од 80 отсто од децата со акутни леукемии се излекувани
Во чест на сите деца кои се борат со малигни заболувања, денеска на градскиот плоштад во Скопје се одржа настан во организација на Универзитетската клиника за детски болести, со кој се одбележа „Златен септември“ – месец за поддршка на децата со малигни заболувања, под мотото „Убаво е да бидеш јас“.
Целта на „Златен септември“ е да се подигне свесноста кај јавноста за овие болести кај децата и адолесцентите, за сите аспекти на нивната борба со канцер, како за времето поминато во болница така и за периодот по враќањето дома.
„Септември е месец за подигнување на свесноста за детските малигноми. Во нашата земја, најтешките случаи на деца кои имаат малигна болест се лекуваат на Клиниката за детски болести, благодарение на инфраструктурата и секако огромната експертиза којашто ја имаат лекарите кои работат на оваа клиника. Во изминатиот период инвестиравме многу. Нема дете за коешто нема биолошка терапија. Успешноста на лекување на детските малигноми е над 80%. Во овој момент целосно се реновира одделението за детска онкологија. Малку се успорија работите поради коронакризата, меѓутоа договорена е динамика со којашто целосното реновирање треба да заврши на почетокот на 2021 година во месец јануари“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерот Филипче рече дека во соработка со здружението САНО, која започна пред 2 години се вклучија како волонтери сите деца кои прележале малигна болест за да им помогнат на дечињата кои сега се лекуваат на детската клиника преку психолошка поддршка, одредени активности како читање на книги, анимирање итн.
Д-р Наташа Најдановска Алулоска, директорка на Клиниката за детски болести, вели дека Одделот за хематологија и онкологија при Клиниката е единствена специјализирана педијатриска болница во земјава каде се дијагностицираат и лекуваат деца со малигна болест на возраст до 14 години.
„За дијагноза и лекување на хемато-онколошкото одделение се применуваат современи терапевтски протоколи во согласност со препораките на Интернационалната педијатриска асоцијација. Леукемиите во детската возраст се лекуваат согласно протоколи кои се применуваат во сите Европски земји. Со овие терапии, се постигнува излекување кај повеќе од 95 отсто од децата со акутна лимфобластна леукемија, успех со кој се гордееме. Им благодарам на моите колеги и медицински сестри кои работат на овие одделенија. За нив нема пауза и во време на пандемија, приоритет без исклучок имаат децата“, изјави директорката Алулоска и истакна дека за овие деца и во овој тежок период беше обезбедена терапија во континуитет и ниту една терапија не беше одложена.
Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести ги одобрија европските и светски протоколи за тестирање на децата за Ковид пред секое отпочнување на хемо-терапија, за да може терапијата да тече безбедно.
Годишно во земјава се откриваат 35-40 нови случаи на деца со малигна болест. Најчеста малигна болест во детската возраст е акутната леукемија, која се открива кај 30-35 проценти од децата од сите малигдни заболувања. Најчеста меѓу нив е акутната лимфобластна леукемија, АЛЛ, која се открива кај 80 проценти од децата со леукемии.
Од почетокот на 2020 година до денес дијагностицирани се вкупно 22 пациенти со малигна болест, од кои 14 деца се со акутна леукемија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

