Македонија
Филипче: Подготвени сме за сите изборни сценарија – за локалните, но и за евентуални предвремени парламентарни избори

СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори така и за евентуални предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информира, процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на разни нивоа и десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.
„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се почнати иако не во сите општини со иста динамика имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.
Паралелно, додаде, почнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.
Филипче истакна дека СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче на конгрес на СПД во Берлин: Средба со германскиот вицеканцелар Клингбајл

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска, ќе присуствува на конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), кој под слоганот „Промената започнува со нас“ се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија, соопшти утрово СДСМ.
Во рамки на конгресот претседателот Филипче ќе има средба со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл кој воедно е и ко-претседател на СПД. Предвидени се и билатерални средби со европски политичари и функционери присутни на конгресот.
На конгресот, на кој, меѓу другото, ќе се избира и новото раководство на СПД, ќе присуствуваат истакнати актуелни германски политичари и функционери, како и претседатели на социјалдемократски партии од Европа.
Поканата за присуство на Филипче на овој конгрес од СДСМ ја сметаат за израз на заедничката заложба за европска иднина, социјална правда и регионална соработка, засновани на вредностите на социјалдемократијата – еднаквост, солидарност и демократија.
Македонија
УХМР: Денес температури до 36 степени и ветер кој на места ќе дува и со над 70 километри на час

Управата за хидрометеоролшки работи за денес прогнозира сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец кој локално може да достигне и над 70 километри на час.
Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 34 степени.
Македонија
Од следната недела забрана за камиони над 15 тона на државните патишта за време на викенди и во денови со екстремно високи температури

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури,извести Авто-мото сојузот на Македонја (АМСМ).
Збраната ќе важи во термините:
петок од 17:00 – 22:00 часот,
сабота од 09:00 до 18:00 часот и
недела од 09:00 до 22:00 часот.
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забранaта ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со Јавното претпријатие за државни патишта.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје (со важност до 01 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
петок од 15:00 – 22:00 часот,
сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот.
Од АМСМ велат дека овој посебен режим на сообраќај се воведува во текот на летото со цел избегнување на застојот во сообраќајот на патната делница кон најпосетуваното туристичко место во Република Македонија, намалување на застоите на пунктовите за наплата на патна такса и воопшто побрз проток на возилата и непречено движење на туристите.
И ова ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока.