Македонија
Филипче: Прогласена е епидемија на мали сипаници што е последица од негативните кампањи против вакцинирање
Откако Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство донесе одлука најмалку две недели да се затвори градинката во скопската населба Радишани, каде што пет деца од предучилишна возраст и еден возрасен маж се заразиле со морбили или мали сипаници, министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека е прогласена епидемија на морбили, која, како што рече, е последица од неколкугодишните негативни кампањи против вакцинирање, особено со вакцинацијата од МРП, колективниот имунитет е навистина паднат, додаде тој.
„Станува збор за болест што се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од 2 недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал, сите заболени лица се невакцинирани. Три од пет деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се наоѓаат на домашно лекување“, изјави министерот Филипче.
Тој додава дека опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Како децата растат, така родителите ги вакцинираат. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1,2,3 години и понатаму процентот на вакцинација расте. Министерство ќе ги преземеме сите неопходни мерки за заштита, рече тој.
„Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници на Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација“, потенцираше министерот Филипче.
Доктор Владимир Микиќ, од Институтот за јавно здравје, вели дека малите сипаници можат дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареа и во одредени случаи дури и смрт.
„Од Центарот за јавно здравје добивме информација за шест заболени лица, од кои три се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а три се на домашно лекување. Од овие, само три се лабораторски потврдени, а во тек се наодите и за другите заболени, но клиничката слика укажува дека станува збор за мали сипаници. Сите деца кои се заразени со оваа болест не биле вакцинирани, а возрасниот пациент е со непознат вакцинален статус. За жал, долгогодишните негативни кампањи против вакцинирањето, а особено за МРП доведоа до опаѓање на опфатот на вакцинирани пациенти, а со тоа зголемен број на заболени, и тоа во најчуствителната популација, децата во предучилишната возраст кога вообичаено реодителите ја одложуваат вакцинацијата“, рече Микиќ.
Во Скопје опфатот е 78 отсто за минатата година, а треба да биде повеќе од 95 отсто вакцинирано население, а во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили, бил само 67 отсто, велат од Министерството за здравство. Иако е прогласена епидемија на мали сипаници, лекарите апелираат родителите да ги однесат децата на вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

