Македонија
Филипче: Реформите за ЕУ се блокирани, загрижуваат антиевропските манири на власта
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во денешното обраќање во Собранието, на настанот „Анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ во 2025 година”, наведе неколку причини кои упатуваат на тоа дека, како што рече, власта има антиевропски манири, кои се загрижувачки и државата ја ставаат во фаза на стагнација и изолација.
„Влошувањето на односите со соседите не е во духот на пристапувањето кон Европа. Не може да се каже го решивме, го вративме старото име и да се влошуваат односите со соседна Грција, кога тоа не е така. Што е целта? Да се привлечат симпатии кај некои гласачи, коишто тоа навистина го очекуваа тоа врз основа на ветувањата на оваа власт во очи кампањата во 2024 година? Или континуираното влошување на односите со непримерни изјави со Бугарија? Не е тоа во духот на Европа“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче додаде дека не е во духот на Европа внесувањето на сомнителен капитал од Србија.
„Не го кажувам јас српскиот свет, го кажа Извештајот на Европскиот парламент. Не може да се дозволува без контрола да се носи капитал којшто бил одбиен од Европска унија. Се поставува прашањето зошто се отвораат врати на таков сомнителен капитал во земјава? Не може и не е во духот на европските манири да се носи резолуција во Собрането во која што се забранува слобода на говор, да внимава опозицијата што зборува“, рече Филипче.
Како што кажа Филипче, сериозно загрижуваат и изјавите од власта во однос на одлуката за електронската евиденција за влез во ЕУ, коишто го подгреваат антиевропскиот наратив.
„Од лани е таа одлука. Не може сега вие да кажете, Европа е крива. Не може се нас нешто учителката да не мрази.Ние знаеме што ќе биде, ама на нас е кај сакаме да бидеме и кон што сакаме да одиме и да се движиме. Нема префрлање на одговорностите. Власта значи пред сѐ одговорност. Се знае кои се обврските„, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче предупреди дека нема поместување ниту во доследно исполнување на реформската агенда.
„Повторно е тоа несработување на домашната задача. Еве два конкретни примери, за да знае јавноста дека не е проблем желбата и иницијативата од страна на опозицијата да се работи вистински на реформската агенда. Законот за енергетика, којшто зеднички го поднесовме со заеднички амандмани, за да во последен момент последниот амандман биде донесен спротивно на препораките на Европската Унија. Не може да гласаме за таков закон кој што треба да биде само про-форма дел од европската агенда или законот за Судски совет каде не се во целост имплементирани препораките од Оценската мисија. Не може да се маскираат работите“, рече Филипче, додавајќи дека граѓаните веќе стануваат сè посвесни за тоа што треба да се направи и како регионот оди напред.
Претседателот Филипче ги посочи последните податоци од истражувањето кои покажуваат дека кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ се зголемува поддршката за пристапување во ЕУ.
„Еден многу добар податок што мислам дека значи многу, а тоа е тоа што гласачи на ВМРО-ДПМНЕ изминативе две години, и тоа е најсигнификантна разлика, имаат поддршка кон пристапувањето на земјава кон Европската Унија. Тоа е многу добар податок. Гледаме дека континуирано е тоа кај поддржувачите на СДСМ. Така да сметам дека тоа мора да се издвои. Лошата работа во тоа е што премиерот Мицкоски не е во тие луѓе.“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

