Македонија
Филипче сака на лидерска да се разговара за реформите и националните интереси, ќе предложи агенда в понеделник

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека в понеделник, на Националниот совет за евроинтеграции со кој претседава во Собранието, ќе предложи конкретна агенда составена од најважните точки поврзани со реформскиот пат и националните интереси, за кои најголемите политички партии треба да разговараат на лидерска средба.
„Јасни се пораките од ЕУ. Сите укажуваат дека патот по кој треба да се движиме е јасен. Додека чекаме и не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат и го доживуваат како дополнителен стимул за побрзо иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот процес и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, истакна Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.
Филипче рече дека тој и Социјалдемократскиот сојуз често се иницијатори на заеднички средби и разговори за теми од национален интерес, за кои е потребен национален консензус.
„Многу пати иницираме и работа на конкретни теми. Инициравме заеднички средби за реформската агенда и за постигнување консензус околу тие прашања“, рече Филипче.
Сепак, и покрај конструктивниот пристап и учеството во работните групи за клучни закони – како што е Законот за енергетика – Филипче смета дека Владата во последен момент поднела амандмани спротивни на европските стандарди.
„За жал, добро започна работата со Законот за енергетика, но во последен момент Владата даде амандмани кои се целосно спротивни на вредностите што ги промовира Европската Унија. Со тие амандмани, во регулаторните тела ќе влегуваат лица кои претходно работеле во индустрии што биле под надлежност на истите регулаторни тела. Тоа не постои никаде во Европа“, оцени Филипче.
Претседателот на СДСМ очекува продолжување на работата на реформската агенда, особено во делот на правосудството. Тој нагласи дека експертите номинирани од СДСМ ги дале своите мислења за предложените закони, но досега не добиле никаков одговор. Сепак, тој повтори дека СДСМ останува подготвен да работи заеднички за доброто и напредокот на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утрово ведро и посвежо, преку денот ќе биде сончево и потопло

Во поголем дел од земјава утрово ќе биде ведро и посвежо, во источните делови променливо облачно со услови за слаб локален дожд. Преку денот времето ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, долж Повардарието и во источните делови засилен ветер од северен правец (над 70 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Дел од општина Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 11 до 13 часот, корисниците од викенд населба село Кучково, општина Ѓорче Петров.