Македонија
Филипче: Со најновите законски измени се менуваат условите за работа на докторите
Со најновите измени на Законот за здравствената заштита се менуваат условите за работа на докторите и се елиминираат пречките за кои фелата со години алармира, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој информира дека се скратува времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од претходно кога докторот беше обврзан во установата да работи двојно повеќе од времето поминато на специјализација, сега е предвидено да одработи во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата. Исто така, намалена е и висината на средствата што треба да ги надомести специјализантот ако предвреме ја напушти установата.
„Важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеење. Со измените се оттргнува ова ограничување. На здравствените работници со високо образование, кои се корисници на пензија, им се овозможува да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници независно од местото на живеење“, информира министерот.
Исто така, здравствените работници со високо образование од областа на медицината, кои завршиле стаж на специјализација и положиле специјалистички испит или завршиле стаж на специјализација до денот на влегувањето во сила на измените, имаат право да се запишат на супспецијализација и да го спроведат супспецијалистичкиот стаж во согласност со плановите и програмите за супспецијализација на здравствените работници со високо образование од областа на медицината, како и да го полагаат супспецијалистичкиот испитв во согласност со прописите според кои го завршиле стажот на специјализацијата.
„Многу важна измена за пациентите е дека досегашното наплатување услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно. Зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник. На овој начин ќе се овозможи избор на доктор со многу помали давачки за пациентите“, рече Филипче.
Во услови на недостиг од кадар во јавни здравствени установи се дава можност кадар од друга јавна здравствена установа да оди и да им дава услуги на пациентите во ЈЗУ во општината во која живеат пациентите за да не одат на друго место да користат здравствена заштита и услуга. Со оваа одлука, рече министерот, услугата ја правиме достапна до пациентите.
Со најновите измени на Законот за здравствената заштита се овозможува здравствениот работник, односно соработник што е именуван за директор, да може да ја врши и понатаму својата дејност со работа со дежурства за што има право на соодветен надоместок. Целта е кадрите со големо искуство да може во целост да ги искористат своите капацитети за давање здравствена заштита.
Исто така, се бришат одредбите од Законот за здравствената заштита што се однесуваат на полагањето испит за директор на здравствена установа од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

