Македонија
Филипче со советникот на СЗО за Европа размени искуства за борбата против Ковид-19

На покана на Министерството за здравство во посета на нашата земја е д-р Фабио Скано, советник на регионалниот директор на Светската здравствена организација Европа, Ханс Клуге.
Скано претпладнево имаше средба со министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Комисијата за заразни болести, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, лабораториите за Ковид-19 и други здравствени установи кои се вклучени во справувањето со епидемијата.
На средбата беа споделени досегашните искуства, но и препораки за понатамошно справување со коронавирусот, а беше дискутирано и како да се подобри разбирањето за развојот на Ковид-19 и влијанието на тековните мерки за заштита од ширење на вирусот. Мисијата се одвива во рамките на соработката воспоставена меѓу Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија и Владата во борбата против пандемијата Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради пожар во Јасен, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
956 сообраќајни прекршоци вчера во државата, 725 возеле побргу од дозволеното

Во текот на вчерашниот ден како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 956 издадени платни налози повеќе од половината, односно 725 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, вчера беа евидентирани 26 прекршоци за неправилно паркирање, 66 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 25 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во текот на вчерашниот ден санкционирани биле 17 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и четворица пешаци и двајца возачи на електричен тротинет. Исто така санкционирани се 23 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, седум возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност.
Инаку, следствено податоците од неделниот пресек од реализираните сообраќајни контроли на патиштата низ државата во периодот од 18.08.2025 до 24.08.2025 регистрирани се вкупно 4.806 платни налози најмногу издадени по основ на непочитување на брзината на движење 1.816, потоа за непрописно паркирање 1.023 прекршоци, како и 530 платни налози за возачи кои возеле без возачка дозвола. Покрај ова 207 мотоциклисти биле санкционирани заради неносење на заштитен шлем, изречени се 211 мерки за некористење на сигурносен појас, 122 санкции за возачи за користење на мобилен телефон.
Воедно евидентирани се 28 прекршоци за возачи на електричен тротинет како и за исто толку пешаци додека пак 63 возачи се санкционирани за управување на возило под дејство на алкохол и уште 21 заради минување на црвено светло. По основ на Законот за возила откриени се 86 возила кои што биле нерегистрирани а учествувале во сообраќајот како и 33 технички неисправни возила“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, а од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Зеленски го одликува Митко Јанчев со орден за заслуги

Претседателот на Украина, Володомир Зеленски, го одликува градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, со орден за заслуги.
Оваа награда се доделува за значаен придонес во зајакнувањето на меѓудржавната соработка, поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина, добротворната дејност, како и за популаризацијата на украинската држава во светот.
Јанчев се најде на листата од 100-ина одликувани личности со орден за заслуги од Зеленски по повод Денот на независноста на Украина.