Македонија
Филипче: 17.000 помалку вработени, студентите бегаат во странство, младите не гледаат перспектива во Македонија
Младите во Македонија денес живеат во држава која не се развива, држава во која немаат просперитет, посочи претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на средбата со студенти. На средбата Филипче нагласи дека немањето стратегија за унапредување на пазарот на труд, растечката сиромаштија, се само дел од причините поради кои младите својата иднина ја гледаат надвор од Македонија.
Статиската бележи поразителни бројки кои укажуваат на тоа дека младите ја напуштаат државата, велат од СДСМ.

„Бројот на вработени лица во државата е намален за над 17.000 луѓе.Бев во Делчево и го кажувам како пример. Во овој град секоја година во просек матуираат околу 100 ученици. Годинава, 90 од нив се запишале на факултети во Бугарија. Зошто? Затоа што кај нас нема универзитет што е на Шангајската листа. Нема сериозно вложување во наука, нема поддршка за истражување, нема квалитет кој ќе ги задржи младите тука“, рече Филипче.

Зборувајќи за причините за иселување на младите, Филипче посочи дека сите параметри одат во прилог на тоа дека власта не води сметка за граѓаните најмалку за младите.
„Работните места што се отвораат сите се со ниски плати, не се доходовни, тоа е преживување, тоа не е развој. Колку и да кажуваат дека растат платите тоа се толку минимални проценти што однапред е изедена таа сума на пари од растот на плати со инфлацијата којашто не ја контролираат“, рече Филипче.

Дополнително, како што кажа Филипче, причина за разочараноста кај младите е фактот што тие гледаат дека регионот оди напред, додека власта свесно ризикува Македонија да остане периферија на Европа.

„Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос кажа дека Црна Гора може 2028 година, Албанија 2029 година, да станат членки на ЕУ. Отиде регионот напред. И да не бара изговори оваа влада, срамота е тоа што го прават. Се се сведува само на нивни лични и теснопартиски интереси за бизниси итн. Нема развој, нема перспектива“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

