Македонија
Финалната битка започнува: Викендов ќе го добиеме првиот средношколец милионер
Викендов започнува највозбудливиот дел од натпреварот „Средношколец милионер“.
По десетици илјади гласови и одличната промотивна работа која ја завршија учесниците во најголемиот средношколски натпревар во Македонија досега, најдобрите 20 бизнис идеи на средношколски тимови во Македонија ќе излезат на сцената да се борат за ТОП 10 и големото финале во недела.
Ова не е само натпревар – ова е најголемата младинска претприемачка платформа во државата. Ќе гледаме идеи кои решаваат проблеми што со години нѐ оптоваруваат: финансиска едукација за младите, дигитализација на здравството, паркинг хаос, безбедност во сообраќајот, ментално здравје, локално производство, creator економија, превенција на ризици и уште многу други.
Секоја од овие идеи има потенцијал да стане вистински стартап
Конкуренцијата е огромна – а токму затоа финалето во недела ќе биде местото каде што ќе се роди првиот средношколец милионер. Но пред тоа, во сабота 29 ноември полуфиналистите ќе имаат прилика преку 90-секунден „elevator pitch“ на основачот на Бреинстер групацијата Петар Ниновски да му ја „продадат“ својата идеја за бизнис, а најдобрите 10 истото ќе го прават во големото финале во недела, пред 5 вистински инвеститори. Победникот ќе однесе дома 1 милион денари, вредност еднаква на сумата која пред 10 години Ниновски ја добил од „бизнис ангели“ за да го започне Бреинстер како приказна, која денес на општеството, особено младите, им враќа со давање можности – во иста мера.
Ова се најдобрите 20 идеи според гласовите од публиката кои ќе се борат за еден милион денари
1. Nex$tep Finance – КешКидс
Финансиска едукација што ги учи младите да управуваат со пари паметно. Интерактивни алатки кои ги претвораат трошоците во игра. Платформа за родители кои сакаат деца со вистински финансиски навики.
2. AI StockBroker – WallStreet Minds
AI симулатор што ги учи младите да инвестираат без ризик. Модерна алатка за анализа на трендови и сценарија. Идеја која ги носи светските инвестициски стандарди кај средношколци.
3. ПаметПакет – Академија Разлика
Апликација која ги анализира твоите сметки и препорачува поевтини пакети. Ги намалува месечните трошоци со паметен алгоритам. Прво решение кое реално може да ти заштеди пари уште првиот месец.
4. StreetSafe – LightTheWay
Паметни светилки за побезбедни улици. Сензори кои детектираат движење и го минимизираат криминалот. Идеја што директно спасува животи.
5. Revola – RonaldoCR7
Електричен тротинет со подобрена безбедност. Дизајн кој спречува незгоди и ја зголемува стабилноста. Хардверско решение со огромен пазар и реална потреба.
6. ПаркПат – Паркинг Патролa
Систем што го открива неправилното паркирање. Јасен партнерски модел со општини и приватни оператори. Вовед во паметни градови.
7. Систем 4 – StayBe
Сензорски систем за детекција на опасности. Иновативен пристап кон домашна и јавна безбедност. Препознатлива технологија со јасна примена.
8. Quick-Med – Ви-Ши
Апликација за брзи медицински насоки. Корисниците добиваат информации за симптоми и препораки. Прв чекор кон дигитално здравство кај младите.
9. MindMap – BeWell
Дигитален дневник за ментална хигиена. Алатка за подобри навики и самосвест. Модерно решение за генерација што сака да се грижи за себе.
10. HYDRO BAND – ХИДРО ЅВЕЗДИ
Нараквица што следи хидратација во реално време. Апликација која те потсетува кога и колку треба да пиеш вода. Продукт што ја комбинира технологијата со здравите навики.
11. Паркирај Паметно – Демиркапијци
Платформа која покажува каде има слободно паркинг место. Заштедува време, нервози и гориво. Локално решение со голем потенцијал за ширење.
12. DWear – ЈКЦ Милионерс
Паметна облека со интегрирани микрочипови. Модерна wearable технологија со функција, не само стил. Интересна фузија од ИТ и текстил.
13. EduLink – LinkLabs
Поврзува ученици со тутори, инструктори и ментори. Дигитална училница со практична примена. Платформа со можност за регионален раст.
14. KupuvajLokalno.mk – Локални Херои
Платформа за локални производи и ракотворби. Поддршка за мали производители и занаетчии. Мисија за зајакнување на локалната економија.
15. Dexiverse – Team Dexi
VR светови создадени од ученици. Гејмификација за учење, забава и тренинг. Идеја што ги спојува технологијата и креативноста.
16. FanForge – Forgelab
Македонски Patreon за млади креатори. Алка за поддршка на уметници, стримери и иноватори. Платформа што го поттикнува creator economy кај младите.
17. Работи бе! – Џекпоц
Апликација за краткорочни хонорарни работи. Ги поврзува младите со реални можности. Едноставно решение за економска активност меѓу тинејџери.
18. Паметен SOS накит – Иновативци
Безбедносен накит за девојки и ранливи групи. Со еден клик праќа SOS сигнал. Едноставен дизајн со голем импакт.
19. Превентика – Тим Превентика
Апликација за превенција преку навики и анализа. Личен дигитален советник за здравје. Фокус на рано препознавање ризици.
20. Апликација „Мој Лек“ – Мој Лек
Дигитална евиденција за терапии и лекови. Потсетници, распореди и здравствена контрола. Решение за секој што води грижа за своето здравје.
Со цел да се подготват најдобро што можат, тимовите минатата недела одржаа менторски сесии со експерти од Бреинстер групацијата, на кои учеа дополнителни вештини пред полуфиналето и финалето. Овие сесии беа отворени и за 33-те бизнис идеи и тимови кои не успеаја да влезат во претпоследната рунда, бидејќи организаторот верува во потенцијалот на секоја идеја која дојде до напредните фази на натпреварот и сака да биде платформа која ќе продолжи да го поддржува претприемништвото и визионерството кај најмладите, луѓето кои утре ќе го дизајнираат светот во кој живееме.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.

