Македонија
Финансиска поддршка добија 11 печатени медиуми во земјава
Програмата за поддршка на печатените медиуми дизајнирана во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите во соработка со сите засегнати страни се реализира веќе трета година по ред. Целта на програмата е да се реализираат активностите за поддршка на печатените медиуми од општ и информативен карактер.
Постапката за избор на корисниците на средствата согласно Програмата ја спроведе Комисија формирана од страна на Генералниот секретаријат во којашто покрај претставници на надлежните институции, членуваат и по еден претставник на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Северна Македонија и еден претставник на Здружението на новинари.
„Комисијата донесе одлука врз основа на доставените барања и комплетната документација, согласно јасно дефинирани критериуми. Висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, а е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања“, се вели во соопштението.

Финансиска поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година. Согласно предвидениот буџет за 2020 година, на печатените медиуми на македонски јазик исплатени се средства во висина од 36,8% за направените трошоци за печатење и 36,8% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50,8% за направените трошоци за печатење и 50,8% за трошоците за дистрибуција. Комисијата едногласно одлучи, остатокот на средствата од вкупниот буџет да ги додели на регионалните медиуми и тоа по 15.833 денари на „Зенит“, „Битолски весник“ и „Штипски глас“.
Од вкупно 14 пристигнати барања, одобрени се 11. Комисијата утврди дека сите барања имаат уредна и комплетна документација, но утврдено е дека 3 се специјализирани изданија, а основниот критериум е корисници на овие средства да бидат печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања.
На овие 11 медиумски компании, им се распределени, согласно критериумите 29.999.999 денари, од вкупно 30 милиони денари предвидени во буџетот за 2020 година за поддршка на печатените медиуми.
„Владата е целосно посветена на поддршка на квалитетното и професионално новинарство и почитување на етичките стандарди во медиумите, и остануваме отворени за изнаоѓање транспарентно системско решение, во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

