Македонија
Финансиска полиција поднесе кривична пријава против директорот и неколку службени лица во РЕК Битола-Новаци
Управата за финансиска полиција до основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против П.М во својство на директор на АД ЕСМ, во државна сопственост Скопје-Подружница РЕК Битола-Новаци, Д.П во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, Б.Ѓ. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК-Битола, Т.А во својство на службено лице во АД ЕСМ -подружница РЕК Битола, С.М. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, А.К. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, Љ.С. во својство на службено лице во АД ЕСМ -подружница РЕК Битола, поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ по член 353 став 1 од КЗ. Како и против А.М.С во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки, А.У во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки и Д.Ј. во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ ВО СЛУЖБАТА по член 353-в став 4 од КЗ.
Првопријавениот П. М. во постапката за јавна набавка бр.11935/2022 за ископ на инвестициска откривка во Брод Гнеотино, ја искористил службената положба и овластувања како директор на РЕК Битола, на начин што на ден 19.08.2022 година, донел Одлука за избор на најповолна понуда, со која Одлука противправно ја отфрлил понудата на Гранит АД Скопје иако понудувачот Гранит АД Скопје бил најефтин и доставил прифатлива понуда согласно член 2 став 11 од Законот за јавни набавки и спротивно на член 112 став 1 од ЗЈН противправно за најповолна понуда ја избрал поскапата понуда на РУД-КОП ДООЕЛ Битола и на ден 03.10.2022 година склучил Договор и рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино и Анекс 1 кон Основниот Договор од 21.09.2023 година на износ од 849.600.000 денари.
Второпријавениот Д. П, третопријавениот Б. Ѓ. и четвртопријавениот Т. А, во својство на членови на стручна комисија за спроведување на отворена постапка за јавна набавка објавена со Оглас бр/11935/2022 од РЕК Битола, ја искористиле службената положба и овластување како членови на стручната комисија задолжена за евалуација на техничката и професионалната способност на пристигнатите понуди, на начин што пријавените при евалуација на пристигнатите понуди, противправно дoнеле мислење и предлог до Комисијата за јавни набавки за отфрлање на понудата на Гранит АД Скопје, иако понудувачот Гранит АД Скопје бил најефтин и доставил прифатлива понуда согласно член
2 став 11 од Законот за јавни набавки, на кој начин пријавените ја ограничиле конкуренцијата и овозможиле првопријавениот П. М, во својство на директор на РЕК Битола да донесе Одлука за избор спротивно на член 112 став 1 од ЗЈН и да склучи договор за јавна набавка – рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка Рудник Брод Гнеотино со поскапиот понудувач РУД КОП ДООЕЛ Битола.
Петтопријавената С. М, во својство на претседател на комисијата за јавна набавка, шестопријавената А. К. и седмопријавениот Љ. С, во својство на членови на комисијата за спроведување на отворена постапка за јавна набавка објавена со Оглас бр/11935/2022 од РЕК Битола, ја искористиле службената положба и овластување како членови на комисијата за јавни набавки, на начин што пријавените во Извештајот од спроведена постапка за ЈН бр.11935/2022 противправно ја оцениле како неприфатлива понудата на Гранит АД Скопје, иако понудувачот Гранит АД Скопје бил најефтин и доставил прифатлива понуда согласно член 2 став 11 од Законот за јавни набавки, на кој начин пријавените ја ограничиле конкуренцијата и овозможиле првопријавениот П. М., во својство на директор на РЕК Битола да донесе Одлука за избор спротивно на член 112 став 1 од ЗЈН и да склучи договор за јавна набавка – рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка Рудник Брод Гнеотино со поскапиот понудувач РУД КОП ДООЕЛ Битола.
Осмопријавената А. М. С во својство на раководител на одделението за управна контрола при БЈН, деветопријавената А. У во својство на виш соработник за управна контрола во одделение за управна контрола при БЈН и десетопријавената Д. Ј. во својство на помлад соработник за контрола на постапката за јавна набавка во одделението за управна контрола при БЈН, со пропуштање на должен надзор несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности при вршење на управна контрола на постапка за јавна набавка бр.11935/2022 спроведена од РЕК Битола за што е изготвен Записник од извршена управна контрола бр.17-1316/3 од 06.09.2022 година, со кој Записник наместо да му наложат на договорниот орган да изврши повторна евалуација на понудите согласно член 177 став од ЗЈН, со записникот, на договорниот орган противправно му дале инструкции да продолжи со постапката за јавна набавка, на кој начин го одобриле образложението на Комисијата за јавни набавки и стручната комисија при РЕК Битола за отфрлање на понудата на Гранит АД Скопје, иако понудувачот Гранит АД Скопје бил најефтин понудувач и доставил прифатлива понуда согласно член 2 став 11 од Законот за јавни набавки, со што пријавените противправно ја ограничиле конкуренцијата и овозможиле првопријавениот П. М. , во својство на директор на РЕК Битола да склучи договор за јавна набавка – рамковна спогодба за ископ на инвестициска откривка Рудник Брод Гнеотино со поскапиот понудувач РУД КОП ДООЕЛ Битола.
Со реализација на Договорот за ископ на инвестициска откривка во Рудник Брод Гнеотино, пријавените овозможиле правното лице РУД-КОП ДООЕЛ Битола да оствари противправна имотна корист, со што на Буџетот на РСМ направена е штета во висина од 178.370.320 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето денеска променливо облачно со сончеви периоди, од утре затоплување
Денеска времето во земјава ќе биде променливо облачно, со повремени сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе биде засилен.
Утринските температури ќе се движат од минус еден до шест степени, а дневните ќе достигнат меѓу четири и 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви интервали и умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до четири степени, додека максималната ќе достигне до десет степени.
Од утре се најавува стабилизација на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.

