Македонија
Фирмата „Бетон“ ја опремила салата за вежбање во Собранието во 2013 година
Фирмата „Бетон“ во 2013 година ја опремила салата за вежбање во Собранието. Од законодавниот дом појаснуваат дека таа е во функција од 2014 година и дека оттогаш не е одржувана и дека на 29 март е објавена првата јавна набавка за нејзино сервисирање и одржување.
„Собранието ја информира јавноста дека на 25 септември 2013 година, Собранието и Друштвото за градежништво ‘Бетон’ АД Скопје склучиле договор, со кој набавувачот (‘Бетон’) треба да набави мебел и друга опрема за новоизградените и реконструираните простории. Под останата опрема ‘Бетон’ набавил и опремил сала за вежбање во Собранието со вкупна вредност од 1.096.383 денари. Поставени се лента за трчање, орбитрек, степер, статичен велосипед, машина за веслање, крос-машина, пек дек машина, лег курл машина, хип хоп машина, пул ап дип машина, абдоминална клупа, универзална клупа, скотова клупа, долги олимписки шипки, сталак за плочи, тегови смит машина, плочи и лет машина. Салата за вежбање е во функција од 10 јули 2014 година и има едногодишна гаранција, според договорот. Оттогаш не е одржувана и тендерот од 29.3.2019 е прва јавна набавка за сервисирање и одржување“, велат од собраниската прес-служба.
Од таму појаснуваат дека Собранието е должно, бидејќи се работи за опрема, која веќе претходно е набавена, да не дозволи да пропадне за што е неопходно одржување и сервисирање. Јавната набавка е во годишниот план и е во висина до 300.000 денари.
Договорот што ќе се склучи е сукцесивен и вклучува по потреба подмачкување на апаратите и доколку се расипат, замена на резервните делови. Ова значи дека 300.000 е максималната сума, но доколку нема потреба од замена на делови, сите пари нема да бидат потрошени.
Фитнес-салата може да ја користат пратениците секој ден и вработените во Службата на Собранието, во вторник, четврток и во петок, од 16.30 часот, по завршување на работното време, до 19.30 часот. Во деновите кога се одржуваат пленарни седници фитнес-салата се користи по завршување на седницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

