Македонија
Фондацијата „Заев-Едно општество за сите” испрати 20 тони производи хуманитарна помош во Украина
Фондацијата „Заев – Едно општество за сите” испрати 20 тони производи македонска хуманитарна помош за војската и за цивилното население во Украина.
Помошта е доставена во координација со Горениук Олександр, пратеник во Парламентот на Украина.
Како што е наведено, помошта пристигнала во Одеса.
„Денеска Одеса доби серија хуманитарна помош од нашите добри пријатели од Северна Македонија поточно од фондацијата на поранешниот премиер на земјата Зоран Заев – „Фондација Заев – Едно општество за сите“. Примени се 20 тони производи кои ќе одат за потребите на вооружените сили на Украина, бегалците и оние на кои навистина им се потребни. Ние сме многу благодарни на народот на оваа земја и лично на господин Зоран Заев и неговото семејство за поддршката на Украина во борбата против рускиот окупатор“, напиша Олександр.
Информацијата за помошта ја сподели и експремиерот Заев во објава на социјалните мрежи, коментирајќи дека Одеса е стратешка позиција на демократска Украина, но и град од каде нашиот Крсте Петков Мисирков дејствувал за македонските работи.
„Нека биде оваа помош придонес кон заштитата на украинското население кое е под воената агресија од страна на Русија. Поддршката на независноста и суверенитетот на Украина и осудата на руската воена инвазија е наша јасна позиција како припадници на западниот, демократски и мирољубив свет“, напиша експремиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.

