Македонија
(Фото) Кисела Вода со целодневна програма го одбележува својот патронат-Ѓурѓовден
Со света литургија во црквата „Св. Ѓорѓија“ во населбата Кисела Вода, на која присуствуваше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес започна одбележувањето на патрониот празник на Општина Кисела Вода. Голем број граѓани, верници се собраа во храмот посветен на заштитникот на општината, заеднички, со молитва да го започнат празничниот ден.

Одбележувањето на денешниот Ѓурѓовден, продолжува во паркот „Македонија“, каде што дечињата од градинките „Весели цветови“ и „8 Март“ учествуваат во креативна цветна работилница. Веднаш потоа, најмладите ќе уживаат во бесплатната театарска претстава „Плашливиот лав“, во изведба на театарот „Отпишани.

Во вечерниот дел од програмата, од 19:30 часот, во Домот на култура „Билјана Беличанец“ ќе биде отворена изложбата на уметникот Драган Кузмановски под наслов „Ѓурѓовденско будење“. За љубителите на филмот, вечерта е резервирана за бесплатна кино проекција на анимираниот филм „Кучиња во операта“, наменета за младите жители на општината.

„Одбележувањето на Ѓурѓовден, патрониот празник на Општина Кисела Вода, претставува значаен ден за сите нас – ден кога заеднички се навраќаме на традицијата, ги вреднуваме духовните вредности и ја истакнуваме посветеноста кон напредокот на нашата локална заедница. Св. Георгиј Победоносец, како заштитник на општината, е симбол на храброст, на верба и снага – вредности што се вградени и во нашиот општински идентитет и мисија. Во таа насока, денешната програма е внимателно осмислена за да го опфати секој граѓанин – од најмладите, преку учениците и културните работници, до сите љубители на духовноста и уметноста. Овој ден не е само симболично чествување, туку и потсетник дека со единство, посветеност и заедничка визија можеме да изградиме подобра, поквалитетна средина за живеење. Ги поканувам сите жители на Кисела Вода, како и сите скопјани, да бидат дел од прославата и да го споделиме празничниот дух во чест на нашиот патрон – Св. Ѓорѓија“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

