Македонија
(Фото) Спасителна акција на Водно, повредениот се транспортира во болница
Денеска, доцна попладне, по известување на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, за повредено лице – со скршена нога на патека на Водно, Секторот за операции и координација со Регионалниот ЦУК Скопје веднаш ги контактираше институциите што би помогнале, освен Црвениот Крст, бидејќи нивната спасителна служба е дежурна само за време на викендите кога фрекфенцијата на планинските патеки на Водно е поголема.

„Покрај два припадника од МВР, медицинскиот тим од скопската Итна медицинска помош многу пожтвувано, заради планската оддалечена од пат локација на повредениот, пешки стигнале до местото на настанот со голема внимателност по замрзнатата патека, што се повеќе замрзнувала како што одминувал денот и се намалувале температурите. На лице место, со помош на полицајците од ПС „Карпош“ му дале прва помош и го згрижиле повредениот, согласно повредата, за да може на раце да се носи со носилка до возилото на итната медицинска помош, а потоа со возилото да се транспортира до медицинска установа, болница. Притоа тие и го загреале, бидејќи било се постудено“, извести ЦУК.

„Од таму, паралелно биле контактирани и припадниците на Армијата, коишто имаат пункт на Средно Водно, а истовремено било контактирано и со Хеликоптерската единица за да се има комуникација во случај на потреба, но по кооринацијата, ови два субјекта немало потреба да интервенираат во конкретниот случај – но, биле во состојба на подготвеност. Регионалниот ЦУК Скопје информираше дека во 17.00 часот кај повреденото лице на помош стигнале специјалци од ЕБР на МВР. Тоа е од причина што локацијата и времето од денот дозволувала само на раце да се носи со носилка од силни луѓе со познавање на движење по планински патеки до возилото на итната медицинска помош околу еден час и повеќе“, соопшти ЦУК.

Како што извести Центарот за управување со кризи, привршува носењето на повредениот до возилото на Итната медицинска помош на Водно, па потоа со транспортот до болницата каде што ќе добие дополнителна медицинска помош за санирање на повредата.
„Со тоа спасителната акција на Водно, со голема пожртвуваност од сите ангажирани субјекти, се заокружува успешно буквално на крајот од денот – во првиот мрак. Инаку, според првичните информации од терен, повредениот возрасен граѓанин бил пасиониран и искусен вљубеник во Водно и на планинското пешачење, па речиси секоја недела се искачувал на Водно, дури и по трипати во некои недели. Но, денешното планинско пешачење на крајот од денот било кобно и по ненадејното лизгање ја скршил ногата. Го пронашол друг граѓанин кој ја користел истата патека за пешачење којшто и се јавил на 112 во ЦУК“, додаваат од ЦУК.

Центарот за управување со кризи го повторува повикот за внимателност при движењето по планините, како и медиумите што секојдневно апелираат, бидејќи на повисоките места снегот е замрзнат, а се појавува голомразица на почетокот или крајот на денот, особено на осоите, и секако не треба да се потценува Водно, како што често знаат да кажат искусните планинари, како „лесна планинска патека“, поточно треба секогаш да се внимава и да прилагодува посетителот на условите, без разлика на големината на планините по коишто се пешачи или се вози со возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

