Македонија
(Фото) Спречен обид за шверц на фалсификат прашок „ариел“ штетен за здравјето на луѓето
Фалсификат прашок за перење алишта „Ариел“, кој е штетен по здравјето на луѓето како и за животната средина, е запленет во царинската испостава Тетово. Прашокот бил од Турција, а наменет за увозник од Скопје.
Царински службеници од ЦИ Тетово спречија обид за криумчарње стока која била натоварена во Турција и наменета за увозник од Скопје. Станува збор за 2000 килограми, или 200 вреќи од по 10 килограми прашак за перење алишта со трговска марка „Ариел“.

„Преку одделението за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост при Царинската управа известен е правниот застапник на носителот на правото кој потврди дека предметниот прашак Ариел е фалсификат и со тоа ги повредува правата од интелектуална сопственост заради што е согласен за уништување на стоката“, соопшти Царината.
Против сторителот по спроведување на постапка ќе биде поднесена соодветна пријава.

„Секојдневните заложби на царинските службеници во сузбивање на нелегалната трговија и шверцот е многу важно со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување криумчарење на производи коишто се штетни за здравјето на граѓаните, како и заштита на животната средина од загадување предизвикано од неконтролиран хемиски состав“, велат од Царина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вељаноски за техничката влада: Eксперимент кој предизвикува штета за државата
За поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, техничката влада е експеримент кој како што оценува, предизвикува повеќе штета од корист за државата.
„Секој правен и уставен експеримент предизвикува повеќе штета од корист за државата.
Времето и искуството покажаа дека импровизациите во системот не носат квалитет, туку дисфукционалност. Така беше со идејата за техничката Влада, така беше и со Специјалното јавно обвинителство(СЈО).
Треба да говориме отворено и без лажни наративи“, пишува Вељаноски на социјалните мрежи.
Според него, овие два механизма не беа воведени за да донесат повеќе правда или демократија.
„Тие беа измислени и наметнати со една единствена политичка цел-да се инсталира СДСМ на власт и да се реализира идејата за промена на уставното име на Република Македонија. Ништо друго. Граѓаните не треба повеќе да бидат предмет на манипулација за наводните “благодети” на овие ад-хок решенија.
И СЈО и техничката Влада беа плод на политички и правни манипулации, туѓи на нормалниот парламентарен живот и правниот поредок. СЈО веќе заврши на буништето на историјата како неуспешен проект. Време е и техничката Влада итно да и се придружи.
На Македонија и е потребен стабилен систем а не вечни изнудени експерименти“.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

