Македонија
(Фото) Спречен шверц на повеќе од 500 делови за камиони
Вкупно 516 различни делови за камиони се запленети од страна на царинските службеници на граничниот премин Богородица.
Обидот за нелегален внес на делови за камиони е откриен од страна на царинските службеници на влез на граничниот премин Богородица. Возачот на камионот, против кој е поднесена прекршочна постапка, се обидел да ги прошверцува деловите за камиони, криејќи ги во различни делови на возилото.

За време на контролата, во внатрешноста на задните седишта, под и помеѓу седиштата, и во багажникот кај резервната гума се пронајдени вкупно 516 различни делови за камиони.
Меѓу непријавените делови се комплети плочки за кочење, лед фарови, задни штопови, кочиони цилиндри, стакла за фар, сетови кумплуг, разни светлосни обележувачи за приколки, како и други делови.
Во друг случај на царинска испостава Струмица е запленето едно АТВ возило, кое е откриено од страна на царинските службеници при контрола на стока пријавена за увозно царинење.


Возилото кое не е опфатено со увозната декларација е задржано, а против увозникот е поведена прекршочна постапка
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Милевски: Изборниот процес во Виница продолжува со закани, уцени и казни на секој чекор
Изборниот процес пред првиот круг во Виница започна со насилство, инциденти и нарачани апсења на неистомисленици на ВМРО–ДПМНЕ, а сега продолжува со закани, уцени и казни на секој чекор, посочи на прес-конференција кандидатот за градоначалник на Виница од СДСМ, Гоце Милевски.
Како што оцени, веќе повеќе од година и пол, политичката, а во голема мера и институционалната моќ во Општина Виница, се концентрира во рацете на еден човек, Митко Костадиновски – Книжар.
„Координатор на Општинскиот комитет Виница, началник на шумска полиција на државно ниво и истовремено кандидат за градоначалник – еден човек кој, според бројни сведоштва и реакции од јавноста, има влијание врз сите институции во општината. Оваа концентрација на моќ не е случајна. Таа, според голем дел од граѓаните и јавноста, се одржува преку притисоци, уцени, поткупи и физички пресметки – не само со политички противници, туку и со сопствени партиски членови. Се зборува дека истиот човек одлучува кој ќе биде началник на полиција, секретар на општина, директор на училиште, раководител или вработен во институција – па дури и како ќе се преуредуваат училници во училиштата“.
Таквото владеење, додава Милевски, нема ништо заедничко со демократијата и разумот.
Тоа, како што напомена, не е начин на управување што води кон развој, туку кон страв, поделби и злоупотреба на институциите за лични и партиски цели.
„Твојот човек од народот“ на ВМРО–ДПМНЕ за Виница, според информации што кружат во јавноста, зад себе носи минато исполнето со контроверзии и сериозни сомнежи: поврзаност со случајот Детонатор, со ослободување на осомничен инспектор за пожарот во „Пулс“, со скандалот околу сечата на дрва во Малешевијата, како и со наводи за вмешаност во напад врз кандидат за советник од ромската заедница.
Изборот на Митко Костадиновски за градоначалник, според многумина, би значел ризик за иднината на нашиот град и на идните генерации.
Клучното прашање што останува без одговор е зошто досега нема ниту една негова јавна реакција или став за сите овие случаи“, прашува Милевски.
Упатува порака до виничани да не се плашат.
„Не дозволувајте да ве уценуваат или поткупуваат. Не прифаќајте притисоци, а секој обид за закана или репресија охрабрувам да го пријавите.
Исто така, упатувам порака и до симпатизерите и членовите на ВМРО–ДПМНЕ Виница:
Време е партијата да си ја вратите во свои раце и повторно да се борите со идеи, програми и визија – а не со страв и насилство.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме ваучери за користење вештачка интелигенција, современа поддршка за младите во Центар
„Воведуваме месечни ваучери за користење на вештачка интелигенција, со цел младите да добијат пристап до современи дигитални алатки и да ги унапредат своите знаења и вештини. Во новиот мандат вложуваме во младите преку конкретни мерки кои ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал и да бидат подготвени за иднината,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар за втор мандат, Горан Герасимовски.
Тој посочи дека особено внимание ќе биде насочено кон младите кои не се вклучени во образование, вработување или обуки.
„За оваа група креиравме програми за активно вклучување преку обуки, интерактивни работилници и волонтерски ангажмани, со цел да ги поттикнеме нивната мотивација и личен развој,“ нагласи Герасимовски.
Дополнително, Општина Центар, како што е соопштено, ќе ги зголеми за 50% стипендиите за талентирани ученици, а ќе продолжи и со субвенциите за полагање возачки испит и за купување велосипеди.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Куманово
Во 13:30 часот на патниот правец Скопје – Куманово, на клучка Хиподром кон Куманово, сообраќајот е нормализиран, соопшти АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

