Македонија
„Фронт 21/42“: Наместо да креира илузија, Владата да почне да се грижи за Охрид
Наместо да креира илузија, Владата навистина да се посвети и почне да се грижи за единственото природно и културно наследство во земјава, порача Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.
Од таму ја поздравија одлуката на УНЕСКО да го стави Охрид на листата на светски наследства во опасност затоа што, како што велат, за жал сметаме дека тоа е единствениот начин да се зачуваат оние универзални вредности кои сè уште постојат во нашето најголемо природно и културно богатство и можеби да се унапреди состојбата на оние кои се веќе уништени.
„Веќе две години упорно ѝ укажуваме на актуелната власт дека инвестирањето на време и други ресурси во обиди да се прикаже грижа, наместо навистина да преземат мерки и активности за заштита на единственото богатство од светски калибар во земјава е многу погрешна стратегија. Ќе посочиме само неколку од многуте примери на оваа стратегија: надзорната расправа во Собранието која заврши со заклучоци кои навидум најавија драстична промена на претходната политика и решеност за справување со илегалните активности и деструкцијата – заклучоци кои не се реализираа, ниту, пак, некоја институција покажа намера да ја следи и обезбеди нивната реализација. Прикажување на работата на Комисија за управување со Охридскиот Регион како спроведување на препораката за мораториум во извештајот на нашата земја до УНЕСКО е уште еден очигледен пример – во извештајот се наведува дека Комисијата одобрила само 8 од 33 барања кои пристигнале до неа во обид да се почитува препораката за мораториум и спроведе ‘контролирана урбанизација’. Она што е изоставено во извештајот се одлуките за легализација на над 500 илегални градби, владините планови за Коридорот 8, новата марина, новата урбанизација на крајбрежјето, новиот кеј, планот за нова индустриска зона, итн“, велат од Фронт 21/42.
Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, додаваат од таму, е последниот пример кој ја покажува оваа стратегија и пример со кој имавме директно искуство – по упорните притисоци на Фронт 21/42, вклучувајќи ja и нашата национална кампања „Едно е! Вредно е!“ Владата одлучи да го измени и дополни Законот (од 2010 година), наводно со намера истиот да стане функционален и навистина да го заштити светското наследство.
„Во процесот кој траеше повеќе месеци учествувавме директно и предадено, над 80% од текстот на новиот предлог-закон беше продукт на нашата работа – за во последен момент, зад затворени врати, односно без нашиот претставник во работната група, да се усвои текст во кој недостасуваат клучните одредби. По обелоденување на оваа информација во медиумите, Владата експресно (за помалку од една недела) ги врати одредбите во Законот, и така го усвои на седница. Сето ова по објавување на нацрт-одлуката на Комитетот за светско наследство. Според нас ова претставува уште еден обид да се прикаже грижа во очите на УНЕСКО и да се прикрие реалната состојба на терен – континуирана урбанизација и легализација на дивоградби“, велат од еколошкото здружение.
Според нив, вистинската грижа ќе почне кога ќе се донесе мораториум кој целосно ќе се почитува и ќе влезе во одлучна и храбра борба против дивоградбите.
„Ова се само мал дел од загрижувачките постапки на актуелната власт за кои во февруари оваа година во писмена форма му се обративме и на премиерот г. Зоран Заев и директно ги искомунициравме на средба со него, вклучувајќи ја и нашата длабока загриженост од неговата изјава за бесправно изградениот хотел во Лагадин: ‘Дури и да има правно-формален аспект во одделението за урбанизам, одговорот на општинските служби не смее да биде не може или не бива, туку треба да најдат начин одговорот да биде да’. Според нас, од итните препораки на УНЕСКО кои требаше да ги реализира нашата земја до февруари 2018 година, единствено Управниот одбор на НП Галичица спроведе вистинска реализација со прекинување на постапката за измени на Планот за управување со што се спречи понатамошната процедура за ски-центарот“, велат од Фронт 21/42.
Од таму бараат од актуелната власт наместо, како што велат, да вложува драгоцено време и пари во креирање илузија за УНЕСКО, домашната и меѓународната јавност дека политиката за Охрид, Струга и Дебарца е драстично променета и сега има грижа и посветеност – навистина да се посвети и почне да се грижи за единственото природно и културно наследство во земјава и едно од само 7-те мешовити наследства на европскиот континент.
Здружението бара и локалната и националната власт во најбрз можен рок да прогласи мораториум за сите урбани и крајбрежни трансформации во Охридскиот Регион (општина Охрид, Струга и Дебарца) и да осигура доследно спроведување и почитување на мораториумот и итно да ги прекине постапките за легализација на бесправните објекти и да пристапи кон изготвување инвентар на дивоградбите.
„Потсетуваме дека ниту оваа, ниту која било власт нема право на сите нас и на сите идни генерации да им го одземе најголемото национално богатство. Во оваа смисла навремено укажуваме да се ангажираат сите човечки ресурси за искористување на можностите за сите дополнителни средства кои вообичаено се на располагање за подрачјата кои се на листата на светски наследства во опасност и истите да бидат целосно употребени за заштита и унапредување на исклучителните универзални вредности поради кои Охридскиот Регион го заслужил статусот на светско наследство“, порачаа од Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бесплатен интернет во новиот парк-плоштад во Марино
Општина Илинден во соработка со Германската агенција за меѓународна соработка (ГИЗ) започна со реализација на активностите за поставување бесплатна јавна WiFi мрежа на новиот парк-плоштад во Марино.
„Проектот е дел од иницијативите за унапредување на дигиталната поврзаност во регионот на Западен Балкан и претставува значаен чекор кон модернизација на јавните простори и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Со имплементацијата на оваа услуга, посетителите на парк-плоштадот ќе имаат можност за бесплатно и неограничено користење на интернет, овозможувајќи полесна комуникација, пристап до информации и дигитални услуги додека уживаат во погодностите на овој урбан простор“, велат од Општината.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека дигитализацијата на локално ниво претставува стратешки приоритет на општината, при што нагласи дека континуираното вложување во паметни и иновативни решенија е насочено кон создавање модерна, функционална и урбана средина, која одговара на потребите на граѓаните и на современите општествени текови.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.

