Македонија
(Видео) Фрчкоски: Секоја земја може да биде блокирана при влез во ЕУ, сите датуми се условени
Секоја членка која влегува во ЕУ или НАТО постои можност да биде блокирана. Сите гледаат дали се исполнети реформите во правосудството, образованието, безбедноста и по тоа ја судат земјата. Доколку не се задоволуваат стандардите може и да ни го продолжат рокот, но тоа е нормална ситуација која сите земји ја поминуваат, вели за „А1он“ и „Макфакс“, професорот Љубомир Фрчкоски.
-Претпристапните преговори сите земји ги добиваат на ист начин, тие за секоја земја се условени. Може да почнат во септември, декември или јуни, но откако ќе почнат, секоја земја која ги започнува е врзана за многу корисен притисок. Тоа е нешто што со двете раце можеме да го прифатиме, на пример условот – осуда за корупциските дела. Судовите ќе бидат притиснати да донесат одлуки на процесите за корупција, тоа за нас е супер, не е супер само за оние кои ги бранат вмровците, но тоа е нивен проблем, вели Фрчкоски.
Според професорот по меѓународно право, приказните околу тоа дали датумот е условен или не имаат скриена пермиса. Тој вели дека датумот за преговори е апсолутен успех, Македонија тоа го барала и го добила.
-Дали се условни или не, се коментари кои зад себе го кријат концептот на противење на договорот со Грција и на можноста добивањето на датум за преговори како помош за успех на референдум. Тие аналитичари кои го толкуваат овој датум како условен не сакаат да се случи успех на референдумот. Претпристапните услови можеме да ги прегрнеме со двете раце, инаку како стандард тие се еднакви за сите земји. Единствен проблем е тоа кога ќе започнат, дали во септември или во јуни, вели Фрчкоски.
Тој посочува дека вратата на ЕУ е отворена и Македонија влегува, а со тоа се отвораат и претпристапните фондови, пари кои државата ќе ги добие заедно со позитивниот притисок за вршење на темпо на реформите особено оние во правосудството и безбедносните служби кои се од исклчителна важност за земјата.
Во врска со одлуката на претседателот Иванов да не го потпише ратификуваниот договор, Фрчоски вели дека тоа е личен став на претседателот кој размислува во свое име, а не како институција претседател на држава.
– Тоа што претседателот не го потпиша ратификуваниот договор е негов личен став и е еден проблем. Втор проблем е тоа што тој не разликува личен став и институција. Ова е поврзано со неговиот карактер и знаење. Тој како институција е обврзан да го потпише договорот, доколку не го стори тоа го крши Уставот на РМ, вели Фрчкоски.
Според универзитетскиот професор, договорот со Грција во оваа етапа не дозволува претседателот да го блокира Собранието кое мора да ја спроведе својата волја, а во случајот тоа е договорот да биде спроведен.
-Ние ја знаеме позицијата на Иванов, неговото знаење и акал и тоа е судбина, ќе го трпите до кога мора. Мое мислење е дека мора да му се води импичмент и мора да се направи мнозинство да се смени од претседателската функција бидејќи така се брани Уставот. Не е тоа проблем на судир со него, туку тоа што не го почитува Уставот и тоа по трет пат. Првиот е со условеното давање мандат, што не е негова работа, второто е со Законот за јазици и сега со ратификацијата на договорот со Грција, рече Фрчкоски.
Како што вели тој датумите кои Македонија ќе ги добие, ставот околу НАТО и ЕУ ќе помогнат да се создаде позитивна атмосфера со која договорот со Грција ќе помине на референдум.
-Мое лично мислење е дека ќе успееме во тоа и со таков исход мислам дека власта ќе ја придобие опозицијата и заедно со двотретинско мнозинство да се промени насловот на Уставот по што ќе добиеме финално членство во НАТО. Таа етапа е историска за нас и мора да ја изодиме како што треба, вели Фрчкоски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

