Македонија
Фудбалерот Лазаров не е единствениот, уште двајца спортисти загинаа во страотниот пожар во Кочани
Страшниот пожар што избувна во дискотеката во Кочани, го одзеде животот на повеќе од еден спортист. Покрај фудбалерот Андреј Лазаров, животот го загубиja и голманот Дамјан Танески (18) и кошаркарот Петар Ивановски (20).
Танески беше дел од младинската фудбалска репрезентација, а кариерата ја започна во штипски Мал Ајакс. Играше за младинските екипи на Вардар од Скопје, а подоцна беше член на Брегалница и на Кит Го од Пехчево. Тажната вест за неговата смрт ги потресе сите негови колеги и спортски пријатели, кои го опишаа како талентиран и посветен спортист.

Од друга страна, смртта на Ивановски ја потврди и неговиот матичен клуб Дино Баскет, кој во емотивна порака ја изрази својата тага поради загубата на нивниот талентиран играч.

– Со голема тага ја примивме веста дека меѓу жртвите во синоќешната трагедија е и нашиот соиграч Петар Ивановски. Петар беше многу почитуван меѓу пријателите и соиграчите, а како МВП на турнирот до 14 години остави длабока трага во кошаркарскиот свет. Беше прекрасна личност, борец со големо срце – напишаа од Дино Баскет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, дожд на запад
Според прогнозата на УХМР, утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови од земјата ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде од -1 до 6 степени, а максималната од 10 до 16 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а на делови од котлината повремено засилен југоисточен ветер. Температурите ќе се движат од минимални 2 до максимални 13 степени.
Времето во наредните денови
До сабота, под влијание на циклонска активност, ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини дождот ќе преминува во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.
Македонија
Свечена седница на Советот на општина Карпош
Во рамки на планираните активности, Советот на Општина Карпош одржа Свечена седница, заседавајќи по третпат откако е конституиран новиот состав на ова тело. Во таа насока, советниците од Карпош разгледуваа две точки кои се најдоа на денешниот дневен ред.
На самиот почеток пред присутните се обрати градоначалникот Сотир Лукровски, кој во оваа пригода ја образложи потребата од одржување на Свечената седница.
– „Почитувани советници. Како што сте веќе информирани, оваа среда Општината го одбележува 49-тиот роденден со Свечена манифестација, во чии рамки врачува Плакета на заслужен граѓанин за 2025 година. Затоа ве повикувам, ова признание да го доделиме достоинствено и обединето, како благодарност и како порака дека општина Карпош знае да ги вреднува своите сограѓани. На тој начин би сакал да покажеме дека зад оваа одлука стои Советот како институција, да испратиме јасна порака, дека секој што работи за доброто на нашата локална заедница, без разлика на неговите политички, верски, етнички или било какви други убедувања, ќе биде препознаен и секогаш поддржан од наша страна“ – истакна Лукровски.
Првиот човек на Општината потенцираше дека на овој начин локалната самоуправа покажува вистинска посветеност, градејќи стабилна традиција како институција која се грижи за своите најдобри сограѓани.
Во таа насока, мнозинството советници постигнаа консензус околу изборот на заслужен граѓанин на локалната самоуправа, која традиционално ја практикува оваа иницијатива во рамки на одбележување на Денот на Општината. Имено, македонската фудбалска легенда, Драги Сетинов е избран за заслужен граѓанин на општина Карпош за 2025 година. Спортската јавност го познава Сетинов по неговите беспрекорни настапи во фудбалските клубови „Победа, „Вардар“, „Хајдук“ од Сплит и „Етникос“ од Пиреја.
Поддршка од Советот доби и Предлог – Одлуката, со која Општина Карпош ја наградува полициската службеничка Елена Дракулевска, која ја извршува својата функција во Полициската станица од општа надлежност – Карпош. За таа намена, локалната самоуправа од својот Буџет обезбеди финансиски средства во висина од 60.000 денари. Дракулевска ќе добие од Општина Карпош парична награда и Пофалница за заслуги, за нејзиниот исклучителен придонес во унапредување на безбедноста и јавниот ред.
Македонија
Николовски до Трипуновски: На празните листови напиши ја твојата оставка
Пратеникот на СДСМ и поранешен министер, Љупчо Николовски, денеска одговори на обвинувањата на министерот Цветан Трипуновски и истите ги оцени како безпредметни, и го повика да си даде оставка за хаосот што создаде во земјоделието.
„Трипуновски, твоите беспредметни кривични пријави не можат ни оддалеку да го тргнат фокусот од хаосот што го создаде во земјоделството.
Кога сопствената посебна советничка ти е фатена во истрагa за рекет со европски пари се носи политичка одговорност.
Кога најразвојната програма во државата e суспендирана поради коруптивен скандал: се поднесува оставка, се овозможува независна истрага и се молчи од срам, а не со прес-конференции и статуси.
Половина од твоите најблиски соработници се под истрага, со телефони на вештачење, со претреси и информативни разговори. Тоа е реалноста од која бегаш.
Наместо смешни пријави, избери да одговориш на она што секој ден го прашуваат земјоделците:
Кога одгледувачите на овци ќе ги добијат субвенциите?
Кога субвенциите за млеко?
Ќе се исплатат ли сите земјоделци за предаден зеленчук и овошје“.
Го праша и зошто се кратат субвенции во ребалансот, зошто 130 милиони евра европска поддршка се замрзнати.
„Ти, наместо да се соочиш со овие прашања, измислуваш пријави мислејќи дека ќе ја замолчиш вистината. Не оди тоа така, јавноста веќе гледа кој работи, а кој пишува статуси.
Дополнително треба да објасниш: како се копа песок на земјиште дадено за рибник?
Каде заврши земјоделското земјиште доделено изминатава година?
Како точно се подготвува шемата за испумпување буџетски пари преку откупот на грозјето?
П.С. Колкав е рибниот фонд во општина Петровец?
П.С.С Наместо да доставуваш „кривични пријави“ со празни листови само за да дефокусираш и да си го спасуваш образот, подобро земи ги тие празни листови и напиши ја оставката.“ стои во објавата на Николовски.

