Македонија
Хан: Северна Македонија направи храбри компромиси, ЕУ губи ако не ја награди земјата
Политичкиот компромис на земјите од Западен Балкан треба да биде награден, изјави комесарот за проширување, Јоханес Хан, во пресрет на утрешната седница на Советот на ЕУ.
Во околности во кои Советот на ЕУ утре може повторно да ја одложи одлуката за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, Хан денеска ги повика министрите на ЕУ што побргу да овозможат почнување пристапни преговори со нашата земја оценувајќи дека тоа би бил важен сигнал за целиот регион, пренесе „Танјуг“.
Тој порача дека земјава направила сè што било побарано од неа и предупреди дека секое одлагање соодветен одговор од ЕУ би претставувал ризик.
„Ако една земја, која многу инвестира во европската перспектива, а нејзините лидери покажаа храброст во постигнувањето компромиси, не биде наградена за тоа, тогаш ЕУ ги губи кредибилитетот и моќта да дејствува во целиот регион на Западен Балкан“, смета Хан.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот на Советот во Луксембург утре, треба да донесат заклучоци и препораки за понатамошните чекори во поглед на земјите што се во процес на пристапување кон Унијата.
Додека група земји предводена од балтичките земји и од Централна Европа се залагаат за почеток на пристапните преговори во јуни, Германија бара одложување до септември поради расправата на Бундестагот.
Во исто време Франција и Холандија сметаат дека одлуката за Северна Македонија може да биде донесена и подоцна, а се и против почетокот на преговорите со Албанија поради, како што ценат, неубедливите докази за напредок во владеењето на правото, особено во борбата против организираниот криминал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова: Пратеници кои се претставуваат како екологисти, учествуваат во уништувањето на животната средина
По цунамито во средата сега не очекува вулкан кој ќе создаде услови да се решат проблемите и да се тргне напред во градење на општество каде ќе се почитуваат законите, рече Силјановска-Давкова.
Денеска кандидатката за претседател Гордана Силјановска-Давкова во рамките на кампањата беше во Mаврово каде што оствари средба со граѓани.
Во своето обраќање од Маврово, Силјановска-Давкова порача:
„Маврово има посебна вредност за Македонија и затоа и државата и граѓаните мора да се грижат за оваа природна и човечка убавина. Мора да запре систематското уништување на животната средина и да запре урбанистичкиот хаос во Националниот парк Маврово. Невидено е во една ваква природна убавина заштитена со закон во 21 век да се градат дивоградби во заштитени зони, да се дозволува во езерото да се влеваат фекалии, не смееме да го уништуваме тоа што ни го дала природата затоа што на тој начин сами се уништуваме.
Уште пострашно е кога и пратеници кои се претставуваат како екологисти, а учествуваат во уништувањето на животната средина и заштитени национални богатства.
По цунамито во средата сега не очекува вулкан кој ќе создаде услови да се решат проблемите и да се тргне напред во градење на општество каде ќе се почитуваат законите и ќе се регулира животната средина но и правото на граѓаните да живеат достоинствено во секој поглед“.
Македонија
(Фото+видео) „Македонијо, ти си бисер балкански“ ечеше на свечената промоција на 508 нови полициски службеници
Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници – генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци. Од нив 416 се мажи, а 92 жени.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, упатувајќи честитки до кандидатите истакна: “Имајте на ум дека секоја добра промена, промена на подобро почнува од поединецот од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно. Секако, говорам за интегритетот, кој што е суштинска спротивност од подмитливоста или поткупливоста, од лицемерието, од непочитување на законите или од селективната правда. Вие, како млади луѓе пред кои што е иднината имате право, можност, одговорност и секако – обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и поперспективна заедничка иднина“, рече министерот Тошковски.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, во своето обраќање потенцираше дека полициската професија секојдневно е исправена пред многу предизвици на кои полициските службеници треба веднаш да одговорат согласно законските прописи, но истовремено претставува благороден животен пат достоен за гордост и почит со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секој успешен подвиг како гарант на безбедноста.
„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност, одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка да ви овозможиме сè што е потребно за достоинствено извршување на вашите работни задачи, а ваша должност како идни колеги и вработени во МВР, ќе биде да се грижите за безбедноста на сите граѓани и државата“, потенцираше Бојмацалиев.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Талат Џафери во своето обраќање ги охрабри новите полициски службеници да бидат чесни и посветени во спроведувањето на своите должности кон граѓаните и горди на својата работа.
„Професионално да се справувате со новите предизвици на работа и да бидете подготвени за очекуваните одговори. За вашата професионалност и љубов кон професијата, да сведочат резултатите од секојдневната работа во секоја област на безбедноста. За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, истакна премиерот Џафери.
На церемонијата беа доделени плакети за 16 најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2023/2024 беше прогласен Андреј Тодороски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на Владата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2023-2024 дадоа свечена изјава пред присутните.
По завршувањето на церемонијата во центарот во Идризово, при спуштање на македонското знаме, новите македонски полициски сили кои ја завршија обуката ги поздрави министерот Панче Тошковским а тие му возвратија со поздравна песна Бисер Балкански.
Македонија
Мисајловски: Ветуваме дека сите дечиња ќе ги запишеме во градинките, сите ученици ќе добијат учебник
Ние како нова влада ветуваме дека сите дечиња ќе ги запишеме во градинките, дека сите дечиња ќе добијат учебник, рече денеска Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 2.
„Денеска сме тука во Ѓорче Петров во Стопански Двор каде што позади мене ова место набрзо ќе започне изградба на градинка и навистина ми е драго и со огромна чест и задоволство можам да најавам јас заедно со Бојан дека за кратко започнува новата градинка во Ѓорче Петров. Онаа градинка каде што јас и Бојан како пратеници во Собранието поднесовме амандмани и ни беа прифатени од владата и Александар Стојкоски како градоначалник ги започна сите постапки и веќе наскоро ќе потпише договор за да се гради таа градинка во Ѓорче Петров.
Ние како нова влада ветуваме дека сите дечиња ќе ги запишеме во градинките, дека сите дечиња ќе добијат учебник. И затоа ова ветување ни е многу важно за да се започнат сите градинки со изградба. И навистина во Ѓорче Петров имаше голем проблем изминативе години со запишување на дечиња, со нови градинки и така натаму.
Но со одличната работа на Александар и неговиот тим може да видиме дека листата е намалена, со отворање на нови градинки, со нови реконструкции, со нови можности и адаптација дека многу дечиња се згрижија. Но со оваа градинка тука во Стопански Двор навистина е полн погодок и уште еднаш ми е драго што јас и Бојан навистина поднесувавме стотици и стотици амандмани, но овој беше прифатен и околу 60 милиони денари токму тука во Стопански Двор за брзо ќе започне нова градинка во Ѓорче Петров.
Аирлија нека се сите овие проекти. Може да видиме дека во Ѓорче Петров насекаде е раздвижено, се градат нови улици и тука во Стопански Двор, се градат нови улици во Кисела Јабука, се гради во урбаниот дел, се градат нови спортски терени. Вака се сака Ѓорче Петров, вака се сака Македонија. Но за да има уште повеќе проекти и за победува Македонија сите масовно на 8 ми мај да ставиме печат, да ставиме печат на победата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија и после тоа владата да ги засука ракавите и уште повеќе проекти да има за сите луѓе во Македонија“, рече Мисајловски.