Македонија
Хелсиншкиот комитет го осудува националистичкото скандирање на фудбалскиот натпревар меѓу „Шкендија“ и „Карабах“
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува сериозна загриженост и го осудува националистичкото и политизирано скандирање за време на фудбалскиот натпревар меѓу ФК „Шкендија“ и „Карабах“, кој се одигра вчера во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
„И покрај апелите од јавноста и од институциите за фер и спортско навивање, од трибините се слушнаа повици за ‘голема Албанија’, ‘Чамерија’ и ‘Илирида’, пораки што се далеку од манифестирање спортски дух и придонесуваат за поттикнување меѓуетнички поделби, ја нарушуваат меѓуетничката кохезија, а имаат потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Дополнително, велат од таму, загрижувачки е фактот што ваквите извици не доаѓале само од навивачката група „Балисти“, туку биле извикувани од дел од публиката, и тоа во присуство на високи државни функционери.
Како што велат од Хелсиншкиот, на натпреварот присуствувале и претседателот на Собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за економија, Валон Дурмиши, како и партиските лидери Али Ахмети и Арбен Таравари.
„И повторно ниеден од овие високи функционери за време на натпреварот не реагирал по повод навредувачките скандирања“, се наведува во соопштението.
Според Хелсиншкиот комитет, особено е дискутабилна изјавата на претседателот на Собранието, кој, од една страна, вели дека не ги слушнал повиците додека бил присутен на натпреварот, а од друга, јавно им честитал на навивачите нарекувајќи ги „достоинствен пример за националните вредности“.
„Овие контрадикторни ставови испраќаат опасна порака за толеранција на говорот на омраза и политичко навивање на спортски терени. Осудата на говорот на омраза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет апелира до Министерството за внатрешни работи и до надлежните институции итно да постапат во согласност со најавените мерки за санкционирање на ваквите испади. Според нив, селективната примена на законите, во зависност од етничката или политичката припадност на сторителите, е неприфатлива и дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.
„Спортските натпревари мора да бидат место на заемно почитување, фер игра и градење соживот. За говорот на омраза и за националистичките пораки нема место ниту на трибините ниту во јавниот дискурс“, велат од Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

